Што работел Локалниот совет за превенција во Кочани, каде членови биле градоначалникот, началникот на полицијата и пратеници?

Општина Кочани, според официјалните податоци, има формирано Локален совет за превенција, предводен од градоначалникот Љупчо Папазов. Советот требало да обезбеди координиран пристап во решавањето на безбедносните проблеми и да работи на подобрување на локалната сигурност.

Формално, Советот бил одговорен за координација на институциите – истите оние што потфрлија кога требаше да реагираат. Неговата задача била да анализира безбедносни ризици и да се грижи за квалитетот на животот во заедницата.

Но сепак на страната на општина Кочани нема информации што точно сработел овој совет, колкави се хонорарите за неговите членови и зошто не се мапирани небезбедни објекти како дискотеката „Пулс“ каде загинаа 59 млади луѓе, анад 170 се лекуваат во државата и странство.

Покрај градоначалникот, во Советот членувале:

-Началникот на Одделението за внатрешни работи во Кочани
-Основниот јавен обвинител во Кочани
-Претседателот на Основниот суд во Кочани
-Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Кочани, Миле Лефков и Марија Ангелова
-Дополнително, постоела и работна група во која членувале командирот на полициската станица, -командирот на противпожарната единица и раководители на различни подрачни служби, вклучувајќи ја -трудовата и пазарната инспекција.

Локалниот совет за превенција претставува тело за заедничко дејствување на засегнатите страни и на релевантните чинители во областа на јавната безбедност на локално ниво, како и успешна имплементација на концептот „полиција во заедницата“.

Тој ги вмрежува сите клучни субјекти во една општина кои може да влијаат на квалитетот на живеење на граѓаните, овозможувајќи разгледување на безбедносните и други локални проблеми низ мултидисциплинарна призма, засновани на многубројни меѓусебно поврзани причини и подложни на различни практики на интервенции.

Од позиција на локалната самоуправа, локалните совети се алатка која треба да ги собере на заедничка маса сите институции и засегнати страни кои имаат удел во општествено административни процеси и постапки, а кои се случуваат во локалните средини каде што имаат надлежност. Од полициска перспектива, ЛСП треба да ги вмрежат сите клучни субјекти кои ќе ѝ „помогнат“ на полицијата за извршување на нејзината превентивна дејност, односно ќе ѝ помогнат на полицијата да биде проактивна во решавањето на безбедносните проблеми на граѓаните и во одржувањето на јавниот ред и мир. При решавањето на проблемите ЛСП треба да ги земе предвид различните потреби во заедницата, особено оние поврзани со маргинализираните и недоволно претставувани општествени групи.

Проектот „Локални совети за превенција за зајакната локална соработка“ се имплементираше во периодот од 1 септември 2022 г. до 30 септември 2023 г.

Зачлени се на нашиот е-билтен