Зошто ВМРО-ДПМНЕ ја отвори хајката околу фирмата „Марковски компани“, милионскиот тендерџија на ЕСМ и РЕК Битола, без да понуди ниту еден поконкретен доказ?
Дали станува збор за опсесија за каков-таков обид за внесување на опозиција во некаков квази-скандал или пак за прикривање на нивната блискост со компанијата која се става во фокусот на вниманието на јавноста? Во ова десктоп истражување, како за почеток, Рацин.мк поврзува неколку факти кои произлегуваат од новинарските записи.
Така откриваме дека „Марковски компани“ е стар тендерџија на ЕСМ, уште од 2012 година.
„Марковски компани“ е стар тендерџија на ЕСМ уште од времето на ВМРО-ДПМНЕ
Според податоците од Централниот регистар, „Марковски Компани“ е основана во 2002 година, со паричен влог од 2.500 евра. Сопственик на оваа компанија, чија основна дејност е изградба на објекти од нискоградба, е битолчанецот Борче Марковски, кој воедно е и управител на друштвото.
Во 2016 година, Марковски беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија. Тоа е периодот кога е на власт ВМРО-ДПМНЕ, а, како што е познато, почесните конзули во земјата ги одобрува владата.

„Марковски Компани“ почнува да добива тендери во 2012 година, кога стартува и подемот на компанијата. Финансиските извештаи на друштвото за последните неколку години покажуваат дека компанијата во 2011 година остварила приходи од 2.722.500 евра и имала 61 вработени. Но, веќе во следната година, кога фирмата почнува да добива јавни средства, остварува двојно повеќе приходи (4,2 милиони евра), но и вработува речиси двојно повеќе луѓе (104). Автоматски, тоа резултира и со зголемување на добивката, која во 2011 година изнесува околу 947.000 евра, додека во 2012 година достигнала 1,26 милиони евра.
Ваквиот нагорен тренд на друштвото продолжува и во следните неколку години. Имено, „Марковски Компани“ во 2013 година остварува приходи од речиси 11 ипол милиони евра и профит од над 5 милиони евра, а во 2014 година вкупните приливи изнесуваат речиси 14 милиони евра, а профитот безмалку 7 ипол милиони евра.
Што советувал и како директорувал Мицкоски за време на подемот на „Марковски компани“
Овие податоци укажуваат на тоа дека „Марковски компани“ својот подем го остварува во период од 2012 до 2016 година, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој период се преклопува и со периодот од 2015 до 2017 година кога Христијан Мицкоски бил советник за енергетика на премиерите Никола Груевски и на Емил Димитриев.
Во 2016 година Мицкоски поставен е за претседател на управениот одбор и Генерален Директор на АД „Електрани на Македонија“.

Токму во тој пердиод поточно, во 2015 година „Марковски компани“ остварува приходи од нецели 8 милиони евра и профит од 2,8 милиони евра, а во 2016 година реализира приходи од 4 ипол милиони евра и профит од 332.000 евра.
Овде е време да укажеме дека во тоа време генерален директор на ЕЛЕМ АД (денеска ЕСМ) беше Христијан Мицкоски, што потврдува записот на веб страницата на ЕСМ.
Надзорниот одбор на АД Електрани на Македонија во државна сопственост за нов претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ го именува д-р Христијан Мицкоски, професор на Машинскиот факултет при УКИМ и советник за енергетика на претседателот на Владата на Република Македонија.
Она што е специфично за „Марковски Компани“ во овој период е дека речиси сите тендери ги добила од едно место, односно од АД ЕЛЕМ. Според податоците од Бирото за јавни набавки, во периодот од 2012 година досега, компанијата, самостојно или како носител на група понудувачи, склучила четириесетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 55 милиони евра.
Тоа нѐ носи до следниот факт што ВМРО-ДПМНЕ не го соопштува на своите прес конференции, а тоа се компаниите подизведувачи на „Марковски компани“, каде што заминувале дел од парите од тендерите на ЕЛЕМ (ЕСМ).
Тоа што го почна „Марковски компани“ го продлжуваат подизведувачите
Трагата што ја оставаат подизведувачите на „Марковски“ не води до најновиот развој на мрежата што ја започнала оваа компанија. Во април оваа година, „Топлина“ од охридското село Подмоље го доби тендерот да копа јаглен и јаловина во рудникот Брод-Гнеотино за потребите на РЕК Битола. Договорот е вреден 24 милиони евра и важи за една година, но милионскиот колач „Топлина“ ќе го дели со партнери-подизведувачи.
„Топлина“ претходно беше подизведувач на „Марковски компани“, која по смената на власта беше исклучена од тендерите во рударско-енергетскиот комбинат. Откако договорот со „Марковски компани“ беше раскинат лани во декември, „Топлина“ продолжи со работа како привремен оператор до април годинава кога го доби милионскиот тендер.
И од позиција на власт, како и своевремено од кога беше опозиција, ВМРО-ДПМНЕ ја критикува „Марковски компани“ како фирма блиска на СДСМ, особено откако беше потпишан договорот од 46 милиони евра на почетокот на 2024 година. Зошто? Затоа што „Марковски“ имаше тројца подизведувачи од кои две фирми од Струмица. Тие две фирми, само заради тоа што се од Струмица, ВМРО-ДПМНЕ ги поврзува со опозицијата, без да наведат, како што пишавме претходно, било какви докази за да го потврдат тоа.
Од друга страна некои информации што се појавија во меѓувреме, говорат за нешто друго.
За струмичките врски дознавме од бугарските медиуми
Фирмите „Јавор Транс“ и „Сим Инженеринг“, подизведувачите на „Марковски“, според податоците од КомпаниВол се во сопственост на Горан Крстев, бизнисмен од Струмица.
Неговото име, пак, се споменува во неодамна објавениот текст во бугарските медиуми кои повторно ја отворија темата наводното постоење на шема од повеќе компании, регистрирани во Бугарија со сопственици од Македонија, за кои тврди дека дел од својот профит го насочуваат за финансирање на македонската антибугарска партија ВМРО-ДПМНЕ, како што се вели во текстот.

Во текстот се наведува, како што се пишува, познатиот струмички бизнисмен Горан Крстев. Горан Крстев и неговиот татко Симеон Крстев, како што посочува бугарскиот медиум, имаат сериозни интереси во бизнисот со електрична енергија – Горан е еден од основачите на новата компанија за производство на електрична енергија „Солар ЦД“ во Царев Двор, општина Ресен, а Симеон е управител на „Енерџи Холдинг“. Овие компании на Крстеви се во бизнисот за производство на електрична енергија, што е дејноста со која, како приватен бизнис, се занимава и премиерот Христијан Мицкоски.
Врската меѓу Крстеви и Мицкоски е всушност Јорданчо Јанев – Дано, баџанакот на премиерот Мицкоски, односно сопруг на Стевица, сестрата на Роза, сопругата на Христијан Мицкоски.
Она што го пишуваат бугарските медиуми и што е на широко познато во јавноста во Струмица, е дека постои силна бизнис врска и меѓу Јорданчо Данев – Дано и Горан Крстев односно дека фирмите на едниот обезбедувале кредитно финансирање на фирмите на другиот.
Горан Крстев, сопственикот на „Јавор Транс“ и „Сим Инеженеринг“, беше и еден од присутните на Бизнис форумот во Струмица на кој говореше премиерот Христијан Мицкоски. Настанот ги обедини најистакнатите бизнисмени, инвеститори и економски лидери од регионот, со цел да се дефинираат приоритетите за унапредување на домашната економија и поддршка на реалниот сектор.