За да се одговори на прашањето што се крие зад „фрлената ракавица“ на Мицкоски за вонреден електронски попис условен со една изборна единица, може да помогне искуството од изборите од 2014 година.
Дека ваквиот модел оди во прилог и на десничарската владејачка партија во Македонија покажуваат резултатите од последните избори во 2014. Во трите изборни единици, во кои гласаше дијајспората тогаш, Европа/Африка, Америка и Австралија/Азија, ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе од половина од гласовите, додека СДСМ најдобро помина во Африка и во Европа каде доби само 6 проценти од гласовите.
Најголема разликата меѓу резултатите на двете партии е во Азија и Австралија, каде што владејачката освоила речиси 90 отсто од гласовите, додека партијата на Зоран Заев само 4,68 проценти.
Кога процентите ќе се претворат во вистински гласови на површината излегува главниот проблем околу учеството на дијаспората во изборите, односно вредноста на гласачкото ливче во странство, проблем на којшто укажувале и невладината МОСТ, мисијата ОБСЕ/ОДИХР, како и македонската опозиција.
Анализата на МОСТ тогаш покажа дека во Македонија на тие избори просечно било потребно да се добијат 7.689 гласа за едно пратеничко место, додека пратеникот избран од Европа и Африка освоил 4.512 гласа, оној од Северна и Јужна Америка 1.170, а народниот избраник од Австралија се смести во законодавниот дом со само 881 глас зад своето име.
Оттука излегува дека гласот на иселениците во Австралија вреди речиси девет пати повеќе од оној во Македонија.
Затоа Мицкоски предлага идната 2026 година да се спроведе вонреден електронски попис, но го услови тоа со прифаќање на една изборна единица „веднаш“.
Мицкоски, ова го кажа во одговор на пратеничкото прашање на пратеникот Халил Снопче од редовите на Алијансата на Албанците, кој праша дали Владата има намера да ја промени одлуката за бројот на советници во општините по вчерашната одлука на Уставниот суд за спроведување на пописот во 2021 година.
– Уставниот суд на вчерашната седница укина некои одредби од методологијата за спроведување на Пописот на населението во 2021 година. Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризација на резидентно и нерезидентно население за што немал законско овластување, рече Снопче.

Според него, следствено на ова, одлуката на Владата за намалување на бројот на советниците во општините е невалидна.
– Дали на следната седница на Владата ќе ја поништите претходната одлука и да се врати претходната одлука за бројот на советници. Логички, не може да се отстранат нерезидентите бидејќи нивната одлука има директно влијание во изборот и бројот на советниците, праша Снопче. Тој, исто така, посочи дека претходно пред пет месеци има поднесено барање за автентично толкување за оваа владина одлука, но досега немал добиено никаков одговор.
Во одговор на прашањето, премиерот Мицкоски нагласи дека кај нерезидентното население во последниот попис немало адреса, туку било класифицирано како нерезидентно население. Тој посочи и дека разликите во бројот на население кај општините меѓу двата пописа, последниот и претходниот, биле големи, при што го наведе примерот на Општина Гостивар, од каде што е пратеникот Снопче, каде што од 85 илјади бројот на жители бил намален на 59 илјади население кое што е резидентно. Во тие 59 илјади имало и неколку илјади кои што не се изјасниле што се, односно одбиле да се попишат.
– Често зборувам дека дијаспората е нераскинлив дел од унитарниот карактер на Македонија како држава и затоа ве молам како политичка партија да поддржите една изборна единица во која што ќе овозможите дијаспората да гласа, рече Мицкоски.
– Ви гарантирам дека со вкрстување на базите 90 отсто од населението ќе го попишеме преку електронскиот попис, а само отприлика 10 проценти ќе треба теренски, рече Мицкоски, додавајќи дека е подготвен како претседател на Владата таквиот попис да се направи веќе идната година и за тоа да се предвидат средства во Буџетот.
Во коментар на ваквиот одговор на Мицкоски, пратеникот Снопче рече дека за да гласа дијаспората не е потребна една изборна единица, туку политичка волја на партиите.
Сега останува одговорот на прашањето дали и на кој начин волјата на политичките партии, за кои кај сите постои согласност за менување на изборниот модел според една изборна единица, ќе се преточи во конкретна методологија која ќе определи кој и каде ќе има право на гласање во дијаспората.
Тоа е веќе навлегување во детали, но, како што се вели, ѓаволот обично дреме токму во деталите.

Инаку ова прашање се отвора откако Уставниот суд укина делови од методологијата за Попис на населението од 2021 година, а кои се однесуваат на категориите „резидентно“ и “нерезиденто“ население кои беа воведени при последното пребројување на населението во државава.
– Во предметот У.бр.251/2025 кој опфаќа одредби од спроведената Методологија за пописот од 2021 година информираме дека Уставниот суд со мнозинство гласови ги укина: Дел II ‘Општ дел’ точка 5 потточка 1 во делот ‘Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис’ и потточка 2 во делот ‘Вкупно нерезидентно население’ го сочинуваат следните лица – единици на Попис’ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, се наведува во соопштението од Уставен.
Судиите на Уставниот суд, одлучувајчи по иницијативата поднесена од пратеникот на опозициската коалиција „Европски фронт“ Скендер Реџепи, оцениле дека ваквата категоризација не е во согласност со темелните вредности на македонскиот уставен поредок-владеењето на правото и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот.