Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што се случи со Божикната кошничка?

Иако новогодишните празници поминаа, многумина од граѓаните не ја почувствуваа празничната атмосфера, ниту пак ветената поддршка во форма на „Божикна кошничка“, која беше најавена како дел од владините мерки за помош на домаќинствата.

Кон крајот на минатата година, министерот Бесар Дурмиши најави воведување на „Божикна кошничка“, која требаше да биде продолжение на новогодишната мерка.

Според неговите зборови, оваа кошничка требаше да биде наменета за задоволување на потребите на граѓаните за празникот, а најави и дополнителни сезонски кошнички, како „Рамазанска“ и „Велигденска“, кои ќе вклучуваат различни производи во зависност од специфичните потреби.

„Беше кажано дека божикната кошничката ќе содржи основни производи за празничната трпеза. Не само што не видовме кошничка, туку цените на храната продолжуваат да растат, а ние сами мораме да се снаоѓаме“, вели мајка на две деца од Куманово.

И новогодишната кошничка, која требаше да содржи основни прехранбени производи со субвенционирани цени, не успеа да ги исполни очекувањата. Иако на хартија оваа мерка изгледаше како добра иницијатива за олеснување на празничните трошоци, нејзината реализација покажа слаби резултати.

„Новогодишната кошничка не донесе никакво олеснување. Производите беа или премногу ограничени, или нивната цена не беше значително пониска за да направи разлика“, изјави пензионерка од Скопје, која додава дека многу граѓани дури и не успеале да ги најдат понудените производи во маркетите.

Аналитичарите предупредуваат дека ваквите мерки, иако звучат привлечно, во суштина се популистички и не носат реални бенефити за граѓаните. Според нив, најавите за празнични кошнички се повеќе алатка за собирање политички поени отколку ефикасна економска помош.

„Овие кошнички се краткорочни и лошо спроведени мерки кои само создаваат лажни очекувања. Наместо да се фокусираат на системски решенија за намалување на трошоците за живот, властите нудат маркетиншки трикови кои не го подобруваат животниот стандард“, вели еден економски аналитичар.

Зачлени се на нашиот е-билтен