Шукова предлага виенски модел за решавање на проблемот со домување на младите во Скопје

Шукова: Загадувањето од греењето мора да се намали имам план

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, учествуваше на панел-дискусијата „Домот како основна потреба, а не привилегија“, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Таа потсети дека законската регулатива за домување целосно е во надлежност на централната власт и оцени дека е неопходно отворање дебата и иницирање измени на законите, за локалните самоуправи да добијат можност да помогнат во решавањето на прашањето за домување.

Како потенцијално решение, Шукова го предложи виенскиот модел – градот да обезбеди станови и субвенционирана закупнина за младите.

„Виена одлучила дел од давачките да им ги намали на оние што градат, за определен број станови. Тие станови инвеститорот ги отстапува на градот, а градот понатаму ги дава на категории граѓани, кои имаат потреба. Во Виена, овие станови ги користат млади лица. Јас сметам дека тоа е еден убав модел кој може да се примени и кај нас. Иако многу доцниме – доколку ова се практикуваше пред 10 или 15 години, денес ќе имавме солиден број станови кои младите ќе можеа да ги користат,“ рече Шукова.

Таа додаде дека во таков систем, младите би плаќале само режиски трошоци, со обврска да го чуваат и управуваат станот според утврдени правила.

„Фондот на станови, имајќи предвид дека изградбата на згради е континуиран процес, ќе биде постојано обновуван и зголемуван. Ова можеби е амбициозна, но исклучително сериозна мерка која директно и суштински го адресира проблемот со домувањето особено за младите,“ нагласи Шукова.

Според неа, за ваков чекор е потребна силна политичка волја, нови методологии за пресметка на комуналии и измени во неколку закони. „Доколку тоа се постигне, оваа мерка би претставувала еволуција во решавањето на прашањето за домување на младите и единствен ваков пример во регионот,“ додаде таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен