Шукова: Скопјани се гушат од Вардариште, а ВМРО-ДПМНЕ молчи – имаме конкретно решение

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, денеска остро ја критикуваше локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ заради, како што рече, „неспособноста и негрижата“ околу горливиот проблем со дивата депонија Вардариште, која повторно е активна и сериозно го загадува воздухот во главниот град.

„Скопје повторно се гуши. Вардариште пак гори, труејќи над 150.000 граѓани од Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и пошироко. Станува збор за еколошка бомба среде градот, а властите на ВМРО-ДПМНЕ бесрамно молчат и не преземаат ништо“, изјави Шукова.

Таа истакна дека, и покрај бројните предупредувања и протести од страна на граѓаните и СДСМ, ниту градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ниту Советот на Град Скопје не реагираат.

„Како да се подбиваат со граѓаните кои бараат само основно право – на живот, на здрава животна средина“, додаде таа.

Според неа, најголемата одговорност ја имаат Христијан Мицкоски и неговите градоначалници – Орце Ѓорѓиевски од Аеродром и Данела Арсовска, актуелната градоначалничка на Скопје. „Тие немаат ни знаење, ни волја, ни решение. Скопјани четири години се трујат поради нивната неспособност“, рече Шукова.

Во врска со решението, СДСМ претстави конкретен и, според нив, реален план за справување со Вардариште:

  • Итно оградување и обезбедување на просторот, со пристап само за службите на комунална хигиена.
  • Поставување 24-часовно физичко обезбедување, за да се спречи палењето отпад.
  • Изградба на нова претоварна станица по европски стандарди и целосна модернизација на системот за управување со отпадот – од собирање до селекција и финално депонирање во Дрисла.

Шукова најави и дека советничката група на СДСМ ќе бара итна седница на Советот на Град Скопје, за да се разгледа проблемот и предложените решенија.

„Советот не смее да остане нем на ова – додека Скопјани се гушат. Времето на лажни ветувања од ВМРО-ДПМНЕ заврши. Решенија постојат, само треба политичка волја“, заклучи кандидатката на СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен