Сиљановска Давкова: Фемицидите се пораз на институциите и на ненавремена акција

Сиљановска

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, на пленарната седница во Собранието по повод 8 Март, упати остра критика кон институциите, оценувајќи ја состојбата како пораз на институционалната превенција. Таа истакна дека во 2025 година биле регистрирани 4.745 пријави за семејно насилство и шест убиства, додека само во првите два месеци од 2026 година се евидентирани четири случаи на фемицид. 

Во излагањето на пленарната седница во Собранието „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“, која секоја година се одржува по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март, Сиљановска Давкова нагласи дека фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, туку крај на долг процес на тортура, и праша до кога институциите ќе останат имуни на предупредувачките сигнали, наместо да преземаат навремени мерки за заштита на жртвите.

„Шокира фактот дека во 2025 имало 4.745 пријави за семејно насилство и шест случаи на убиство, а за два месеца во 2026 – веќе четири случаи на фемицид. Овие алармантни бројки се слика на општество во коешто е загрозено најосновното човеково право – правото на живот. Не цитирам статистика, туку нотирам пораз на институционалната превенција и навремената акција. Зад бројките се кријат животни приказни, семејни трагедии, неостварени соништа“, истакна претседателката.

За Сиљановска Давкова, обучените и сензибилизираните полицајци, социјални работници и судии се активни спасители или пасивни соучесници во делото.

„Страшно е секој 8 Март, да броиме нови жртви, да презентираме најнови статистики, да дебатираме за политики, да усвојуваме стратегии, посочувајќи ги истите проблеми, презентирајќи брутални статистики, предлагајќи претходно предложени, но непреземени мерки и активности. И овој 8 Март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и на Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената! Симболиката на празникот се изгуби во мракот на суровата, непоимлива и неприфатлива реалност“, рече Гордана Сиљановска Давкова.

Претседателката од собраниската говорница запраша како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали, зошто системот на социјална заштита, полицијата, обвинителството и судството не реагираат навреме и до кога ќе ги менуваме законите, наместо оние што не ги применуваат?

 „Не дозволувајте одбележувањето на 8 Март да се сведе на протоколарна форма којашто ќе го исцрпи своето значење во симболични гестови и пригодни зборови. Розите коишто денес ќе ја разубават просторијата, утре тивко ќе почнат да ја губат свежината, а вниманието коешто трае еден ден не е доволно“, рече Сиљановска-Давкова во Собранието на пленарната седница во Собранието по повод 8 Март.

Зачлени се на нашиот е-билтен