Сиљановска донела одлука кој ќе биде предлог за нов гувернер

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, смета дека веќе знае кој ќе биде предлогот за нов гувернер на Народната банка, но не сака сега да го открие пред новинарите. Таа посочи дека седнала со сите кандидати Анита Ангеловска-Бежоска, Трајко Славески, Зоран Ставрески. А по консултација со експерти – донела одлука.

„Не го кажувам името, прво пред новинари. Но веќе мислам дека знам. Она што со право создаде дебати меѓу вас и прашања, беше нешто што мислам дека би требало да се практикува за секоја функција. Да седнете со сите луѓе кои се споменуваат и да разговарате. Да ги прашате секој што мисли за другиот, но и што мисли дека тој може да направи. Уште повеќе би сакала да има повеќе кандидати, но тоа не е секогаш можно“, рече претседателката Сиљановска.

Таа рече дека е важно и кој ќе биде заменик-гувернер за НБРМ.

„Тие треба да соработуваат, тоа е систем за макро економската стабилност. Да бидам искрена, ако ги оценуваме кандидатите, тие со кои разговарав, низ призма на експертско знаење – немам проблем. Сме имале среќа во оваа држава, одлично сме се однесувале кон оваа функција. Во среда веќе ќе знам (н.з. за тоа кој ќе биде предлог). Јас во меѓувреме консултирав и експерти од областа, луѓе кои се врвни, па дури и кои биле на функцијата“, додаде претседателката.

Зачлени се на нашиот е-билтен