Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, говорејќи на свеченоста по повод 100-годишнината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, испрати порака која ја надмина формалната рамка на одбележувањето. Наместо само честитка, таа понуди визија рекреативното планинарење да стане составен дел од физичкото образование во училиштата и факултетите, а планините да се вратат во центарот на здравиот начин на живот.
Во наратив исполнет со лични уверувања и конкретни предлози, Силјановска-Давкова потсети дека многу земји одамна го вметнале рекреативното планинарење во образовните програми и го третираат како основа на физичката култура. Таа смета дека и Македонија може да го следи тој пример не како копија, туку како природен чекор, бидејќи речиси секое населено место се допира до планина или планинска патека.
Претседателката повика на поголема соработка меѓу Министерството за спорт, Министерството за образование и локалната самоуправа. Според неа, земјата има потенцијал да развие инфраструктура која ќе го поддржи планинарењето: домови, одморалишта, видиковци, хостели и мали планинарски центри. Иако инвестициите се големи, таа верува дека придобивките – од подобро здравје до развој на локалниот туризам ќе бидат уште поголеми. Како прв чекор го предлага реновирањето на старите планинарски домови и постепено подигнување на нови.
Силјановска-Давкова не ја заборави ниту обврската за заштита на природата. Таа истакна дека македонските планини и биодиверзитет се богатства кои мора да се чуваат: редок растителен и животински свет, чист воздух и природни ресурси кои директно придонесуваат за здравјето и квалитетот на животот на граѓаните.
Таа се обрати на младите, повикувајќи ги да го заменат автомобилот и алкохолот со планинарски чизми и физичка активност во природа. Планинарењето, како што рече, не е само спорт тоа е начин на размислување, дисциплина, карактер и личен развој.
На крајот, претседателката упати благодарност до генерациите планинари кои го одржувале духот на „Љуботен“, посебно истакнувајќи ја посветеноста на семејството што го носи истото име како клубот. Според неа, нивната стогодишна традиција е најдобар доказ дека Македонија има длабока култура на планинарење – само треба да ја негуваме и развиваме.

