Посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на Скопје ја рефирмираше Северна Македонија како клучен безбедносен партнер. Преку поддршката за Радмила Шекеринска и повикот за зголемени одбранбени инвестиции, Алијансата испрати јасни сигнали за вредноста на членството на нашата земја во најмоќната воено-безбедносна и политичка алијанса за нашата иднина и за за стабилноста на Западен Балкан во контекст на глобалните геополитички кризи.
Официјалната посета на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на Скопје на 3 март 2026 година, означува пресвртна точка во перцепцијата на Северна Македонија во рамките на Алијансата. Наместо само корисник на безбедносни гаранции, државата сега се третира како активен „извозник на безбедност“.
Оваа квалификација произлегува од континуираното учество на македонските сили во мисиите на НАТО, вклучително и во Источното крило. Марк Руте јасно стави до знаење дека безбедноста на Западен Балкан останува врвен приоритет, нагласувајќи дека Алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во регионот.
Пораките упатени до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски сугерираат дека стабилноста на земјата е директно поврзана со колективната одбрана, што е особено важно во услови на зголемени хибридни закани и регионални тензии, како и за тоа кон каде треба да гледа Македонија во однос на овие прашања.
Радмила Шекеринска
Еден од најзначајните моменти на посетата беше јавната и недвосмислена поддршка на Марк Руте за неговата заменичка, Радмила Шекеринска.
Опишувајќи го нејзиното назначување како свој „личен и стратешки избор“, Марк Руте испрати порака до домашната и регионалната јавност за вреднувањето на експертизата надвор од тесните партиски рамки.
Овој потег доаѓа во време кога Радмила Шекеринска беше цел на критики од одредени регионални лидери, како српскиот претседател Александар Вучиќ. Со истакнувањето на нејзината улога во Собранието и Владата на Северна Македонија, Марк Руте ја зацврсти позицијата на земјата во највисоките структури на НАТО, истовремено неутрализирајќи ги внатрешните политички поделби во однос на ова меѓународно именување.
Во таа насока треба да се гледа и на изјавата на претседателот на СДСМ Венко Филипче во Собранието, веднаш по обраќањето на генсекот на НАТО.
„Членството во НАТО е резултат на стратешките, визионерските, државничките политики на Социјалдемократскиот сојуз изминатите повеќе децении. Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно ние може да се чувствуваме безбедни, нашите граници се гарантирани, поради тоа што благодарение на тие политики сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот. Колку е тоа важно, гледаме сега, посебно во овие кризни времиња, кога во повеќе места во светот има војни. Оваа што веќе четири години трае на територијата на Украина како резултат од агресијата на Русија, и овие сега жаришта коишто се јавуваат на повеќе места во светот, членството во НАТО би рекол е една трајна придобивка за нашата земја, рече претседателот Филипче.
Филипче нагласи дека пораката до Владата е директна и дека актуелната власт повеќе не може да ги прикрива своите политики и да си игра со стратешките интереси на земјата.
Говорот на Марк Руте пред пратениците во Собранието содржеше остра реторика кон оската на држави кои го предизвикуваат меѓународниот поредок. Тој директно ги посочи Русија, Кина, Северна Кореја и Иран како извори на нестабилност.
Посебен акцент беше ставен на Иран како „извозник на хаос“ и неговите нуклеарни амбиции, кои се третираат како директна закана за Европа.
Иако НАТО официјално не е вклучен во акциите на САД и Израел на Блискиот Исток, Марк Руте ја оправда потребата од неутрализирање на иранските капацитети.
Во овој контекст, протестот на пратениците од Левица со транспарентот против НАТО беше минимизиран од страна на генералниот секретар како демократско изразување, но суштинскиот фокус остана на потребата од цврсто сојузништво против авторитарните режими.