Симовски: Причина за падот на наталитетот е емиграцијата, иселувањето на младите, кои се најживотоспособното население

Во новата епизода на шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски, гостин е Апостол Симовски, експерт по демографија и поранешен директор на Државниот завод за статистика, во чиј мандат се спроведе и пописот на населението во 2021 година, по речиси две децении застој.

Коментирајќи ја последната бура во јавноста околу предложениот данок за немажени и неженети луѓе, Симовски нагласи дека демографската политика не смее да се базира само на еден тип мерки и дека еден таков обид за стратегија во 2008 година се покажал како несоодветен и без долгорочни резултати. Според него, причината за падот на наталитетот е емиграцијата, иселувањето на младите, кои се најживотоспособното население.

„Проблемот во нашата држава не е наталитетот. Наталитетот е последица пред сè на емиграцијата, за жал, којашто кај нас е исклучително висока и во принцип се иселуваат млади луѓе, оние коишто треба да го носат идниот наталитет…Од друга страна, сепак е 21 век. Денес луѓето се многу поеманципирани, особено жената. Своето место во општеството да си го најде, веќе таа амбиција е присутна кај сите, за разлика од пред 30, 40 години кога воглавно жената се гледаше како домаќинка и одгледувач на семејството… И сега, со вакви потези, јас не говорам само за најавата за евентуален данок на немажени, неженети, туку мерките што ги предлагаа во смисол на стимулирање на прво, второ, трето дете, генерално никогаш нема да дадат добар резултат, бидејќи суштината зошто се одложува родителството не е само економскиот фактор“, категоричен е Симовски.

Наведувајќи ги различните фактори кои влијаат на репродукцијата на населението, како економската стабилност, домувањето, Симовски ја нагласи потребата да се работи на целокупната стабилност на системот, владеењето на правото, правната сигурност, процедурите и редот. Според него, тоа може да ја намали емиграцијата, но пак, како мерка не мора да значи дека директно ќе влијае врз наталитетот.

„Проблемот е што се менува структурата на тие коишто заминуваат. Ако генерално, овој период за којшто говорам, меѓутоа и претходно, многу претходно, во сите традиционални песни се споменува таа туѓина, одење на печалба итн….генерално оделе поединци. Односно најчесто мажите, а семејствата останувале тука и со намера да се вратат… денес прво се иселуваат цели семејства, ако се формирани семејства и намерата не е да се вратат туку да останат таму… Ако од тој период, 70-80тите, се бараше претежно неквалификувана работна сила на западот, денес се бара висококвалификувана сила. И не е проблемот што губиме жива сила, туку што губиме најквалитетна работна сила, онаа во која државата вложила најмногу средства за образование, стекнување работни вештини и сл… Онаа бројка која што ја кажа скоро министерот за внатрешни работи на Бугарија, дека 213 000 наши граѓани земале бугарско државјанство, кажува премногу. До пред неколку години, јас знам таа бројка беше сто педесет илјади. Ако се 70 000 во рок од две години, три, нови бугарски државјанства коишто се земени од наши граѓани, тоа треба дебело да не загрижи, да го ставиме прстот на чело бидејќи тие луѓе веројатно веќе не се тука“, заклучува Симовски.

Симовски е резолутен дека користењето на статистички податоци е императив за креирање на сите владини политики и мерки. За него е неприфатливо парцијалното и манипулативно читање на статистичките податоци и користење на несоодветни методологии за да се креира лажна слика за благосостојбата во општеството или ублажување на некои економски или социјални трендови.

„Вчера мислам или завчера… излезе податокот за трошоците за живот, го интерпретираат во јавноста дека имаме само за 2 проценти качување на цените во однос на минатиот месец. Сега, тука е една манипулација со бројките. Генерално, кога станува збор за движењето на цените, треба секогаш да се гледа колку е отстапувањето, дали е пораст на цените или е намалување во однос на цените во истиот месец претходната година. Зошто? Заради тоа што кај цените како и кај многу други работи имаме сезонски влијанија. Имено, до пред месец дена зеленчукот се произведуваше сè уште во фолии, денес веќе се произведува на отворено, што нормално ја симнува цената… И сега ако вие гледате со претходниот месец тогаш навистина може да ја излажете јавноста затоа што не е само пазарот што влијаел, туку и овие сезонски влијанија коишто ги има. Ако споредуваме со ист месец од претходната година, сезонските влијанија биле исти… И овој показател е 4,5%… пораст на цените, што е, односно 4,5% инфлација, што е висока инфлација… Вие знаете дека имавме некакви си акции на државата за смирување на цените, меѓутоа тие очигледно не вродија плод“, вели Симовски.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во првиот дел од гостувањето на Апостол Симовски во видео шорткастот „Интеркултура”.

Зачлени се на нашиот е-билтен