Системот „Безбеден град“ стартува на 1 јануари 2026: возилата на опасни возачи ќе се конфискуваат

Министерството за внатрешни работи подготвува радикален пресврт во контролата на сообраќајот. За новиот интелигентен систем „Безбеден град“, кој треба целосно да профункционира од 1 јануари 2026 година, ќе се изменат шест до седум закони – не само тие што директно се врзани со технологијата, туку и прописи што јасно ќе ги разграничат прекршоците од кривичните дела.

„Граѓаните треба да знаат дека за безобзирното управување со моторни возила ќе следуваат многу построги санкции, вклучително и конфискација на автомобилот“, предупреди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на годишниот прес.

Тој објасни дека измените на Кривичниот законик се клучни за новиот пристап: превентивно делување, намалување на сообраќајните несреќи и спасување животи. „Во државите каде системот веќе работи резултатите се видливи; убеден сум дека истото ќе го постигнеме и кај нас“, додаде Тошковски.

Проектот „Безбеден град“ почнал пред повеќе од десет години, но досега останал нефункционален, иако, како што истакна министерот, во него се вложени „многу пари“. „Жално е што системот не беше ставен во употреба, но ние ќе го активираме и граѓаните конечно ќе го почувствуваат бенефитот“, рече тој.

И покрај забележливиот пад на тешките сообраќајки и повреди, Тошковски призна дека сегашната состојба на патиштата не е задоволителна: „Сè уште премногу луѓе ги губат животите на улиците. Ова останува еден од нашите врвни приоритети.“

Со воелимено затегнати правила, модерна технологија и долгoочекувани системски реформи, „Безбеден град“ треба да донесе ред таму каде што со години владееше хаос – и да покаже дека високите трошоци можат да се претворат во уште повисока безбедност.

Зачлени се на нашиот е-билтен