Следната 2024 година е рокот во којшто треба да бидат заменети личните документи, бидејќи дадовме рок при примената на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за јазиците, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тоа значи дека рокот за замена е до крајот на оваа 2023 година.
„Во однос на цените, ние објаснивме дека за 90 проценти се зголемени цените на лични репроматеријалите и затоа направивме зголемување кое што не е големо, имајќи предвид дека утврдивме два вида на цени“, дополни Спасовски.
Оние кои ги менуваат пасошите на пет години, значи до 27 години, имаат иста цена на услуги, додека за остатокот имајќи предвид дека е 10 години важечкиот документ, цената е зголемена незначително за да можеме практично да ги остваруваме тие функции, одговори министерот на новинарско прашање до кога треба да се сменат документите и зошто е поскапена услугата.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го промовираа е-државјанство.
Како што изјави Спасовски, граѓаните од денес можат да добијат уверение за државјанство во електронска форма на е-маил адреса и мобилен телефон.
„За таа цел, како МВР донесовме Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на водење евиденција за државјаните на Република Северна Македонија и за обрасците што се применуваат односно издаваат. Притоа, работни тимови од Одделот за информатика и телекомуникации и Одделот за граѓански работи во соработка со МИОА, овозможија преку Националниот портал за електронски услуги, барањето да се реализира преку емаил адреса или паметен телефон”, рече Спасовски.