Скопје утрово повторно се соочува со сериозно загадување на воздухот. Според мерењата на домашните мерни станици и рангирањето на швајцарската апликација „Ај Кју Ер“ (IQAir), индексот на загаденост во главниот град достигна 102, што го вбројува воздухот во категоријата „нездрав“.
На светската листа на најзагадени градови, Скопје утрово се најде на 26. место. Во регионот, полоша состојба е регистрирана само во Сараево, кое се искачи на првото место на оваа неславна листа.
Од градовите во земјава, уште поизразено загадување од Скопје е измерено во Струмица, каде индексот на загадување достигна дури 226. Според утринските мерења, во воздухот во Скопје се регистрирани 35,9 микрограми ПМ2,5 честички на метар кубен, како и 2,9 микрограми јаглерод моноксид.
Највисоки концентрации на загадувачки честички во главниот град се измерени во реонот кај Млечен ресторан и во населбата Острово, додека зголемени вредности се регистрирани и во Центар и Чаир.
Здравствените власти апелираат до граѓаните, особено до ранливите категории – деца, повозрасни лица, хронично болни и бремени жени, поголем дел од денот да го поминуваат во затворени простории, по можност со прочистувачи на воздух, и да избегнуваат подолг престој на отворено.