На денешен ден се навршуваат шеесет години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, во кој загинаа 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Но, ова не е содржина за тоа што се случувало на 26 јули 1963 година, за сеќавањата на луѓето што го доживеале овој потресен и трагичен ден. Оваа кратка содржина е во некој облик – огледало на општествените текови, модели и перцепции за тоа како функционира една мултиетничка држава, кога е во прашање културата, и не само таа.
Еден поглед низ Тиме.мк – рубрика „култура“, и веќе е повеќе од јасно дека овогодинешните културни настани, во случајов организирани во духот на сеќавање и потсетник на катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, на денешен ден, се ништо повеќе или помалку – монохрони, или моноетнички.
Ќе наредам тука неколку од настаните, чисто заради прегледност, за да знаете за што станува збор.
-Во Музејот на современата уметност (МСУ) ќе биде отворена дигиталната изложба „Подемот и падот на Скопје“ на Државниот архив, преку фото-објективот на Киро Георгиевски, вработен во Градското собрание во 1950-тите години.
-Во Кинотеката каде што од 18 часот ќе биде прикажан избор од кратки филмски журнали на „Филмски новости“. Од 20 часот тука премиерно ќе биде прикажан и дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли.
-Во Музејот на град Скопје ќе има изложба „Скопје– Градот Феникс“, чиј автор е Зоја Богдановска, кустос советник историчар во Музејот.
-Во МКЦ ќе се одржи настан „МКЦ не заборава“, со почеток во 18 часот. На настанот ќе учествуваат групите „Педро Хорисонте“, „Луфтанза“ и „Баклава“, која вечерва ќе го промовира албумот „За Скопје со љубов“, а на полноќ ќе се прикаже филмот „Скопје ремикс“ во паркот на МКЦ. Во настанот ќе биде приклучен и книжевен времеплов низ Скопје, Доротеј Нешовски ќе води детска ликовна работилница, а ќе се одржат и две изложби, „Бетонско Скопје“ и „Попатни одблесоци“. На втората ќе бидат претставени фотографии од Ристо Костовски.
И така натаму…
Како што се забележува, горенаведените настани се организирани и учествуваат припадници на само еден етникум, во случајов, македонскиот. Бидејќи, судејќи по агендата на настаните, земјотресот бил катастрофален само за Македонци, и можеби некои други што веројатно не се спомнуваат во настаните.
Другите, очигледно не се сеќаваат, или биле преку граница, или се по одмори, сега. Или, можеби, или најверојатно – не се сетиле дека треба да бидат вклучени ( а доколку никој не ги поканил или не им е даден простор, треба да си кажат) и да придонесат кон денешното сеќавање на еден страшен ден, катастрофален во светски размери, по животите на многу луѓе со моментални исходи, а уште повеќе со долгорочни последици кои ги засегале сите што продолжиле да живеат и по земјотресот, и да ги пренесуваат сеќавањата од колено до колено.
Секој на својот јазик, и заеднички, на сите јазици на Скопје.
Извор ЦивилМедиа)