Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) бара минималната плата да изнесува 500 евра, придонесите да се намалат од 47,7% на 32%, и дел од административните работници да се прераспределат во приватниот сектор.
На прес-конференцијата, претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура, истакна дека актуелното доцнење во враќањето на ДДВ-то кон компаниите претставува дополнителен проблем за стопанството, што е наследено од претходната Влада.
„Веќе една година бараме минималната плата да биде 31.500 денари. Дополнително, придонесите се товар што ја намалува нето-платата и бараме нивно намалување. Во моментот, кај нас за плати над 1.000 евра придонесите достигнуваат 52%, додека во Словенија се движат околу 42% и опаѓаат со повисоките примања. Овој систем ја демотивира продуктивноста,“ изјави Ќура.
Во однос на администрацијата, Ќура го повтори предлогот за прераспределба: „Администрацијата е преоптоварена. Дел од неа може да се преквалификува за потребите на приватниот сектор. За тоа е неопходна поддршка и од Владата и од компаниите.“
За стимулирање на ваквиот трансфер, тој предлага финансиски мерки, како отпремнини или повисоки плати, но детали за механизмот не беа наведени.
Ќура ги повика властите на побрзо враќање на ДДВ-то и изрази надеж дека новите мерки ќе помогнат во подобрување на економската клима и олеснување на товарот за компаниите.