Славески ја презеде функцијата гувернер од Ангеловска-Бежоска: Вети стабилен и транспарентен мандат

Со свечена церемонија во Народната банка, денеска официјално започна мандатот на новиот гувернер, д-р Трајко Славески, а заврши шестгодишниот мандат на д-р Анита Ангеловска-Бежоска.

Во прошталниот говор, Ангеловска-Бежоска ја нагласи посветеноста на институцијата кон реформи, стабилност и модернизација, дури и во време на глобални предизвици.

„Горда сум што и во услови на кризи, Народната банка остана носител на макроекономската стабилност и доби високи оценки од меѓународните финансиски институции. Благодарна сум за посветеноста на целиот тим“, рече таа, упатувајќи честитки до својот наследник.

Новиот гувернер Славески истакна дека функцијата што ја презема носи голема одговорност, но и обврска за транспарентно и стабилно водење на финансиската политика.

„Ќе се водам од принципи на професионалност, аналитичка основа и јасна визија, со цел справување со предизвиците на модерната економија. Мој приоритет ќе биде зајакнување на довербата кај јавноста и кај меѓународните партнери“, рече Славески.

Зачлени се на нашиот е-билтен