Случај Трубарево: Тешки метали за лесна игра со здравјето на луѓето

Во случајот Трубарево разликите на податоците за тешки метали се премногу ризични за да се игра со здравјето на луѓето.

Концентрацијата на кадмиум во воздухот по пожарот во Трубарево била скоро 12 пати повисока од дозволената, а имало и зголемено загадување со арсен и олово, објави Министерството за животна средина (МЖСПП), шест дена откако избувна големиот пожар во Трубарево.

За анализа на МЖСПП биле земени примероци за присуство на тешки метали во воздухот, од минатиот викенд – 13 и 14 септември.

Анализата покажала дека се измерени 59,1 ng на метар кубен концетрација на кадмиум во воздухот од дозволените 5. Има зголемување на концетрацијата на арсенот, од максималните 6, измерени се 8,9 нанограм на метар кубен. Во воздухот имало 0,75 микрограми концетрација на олово од дозволените 0,5. На тешкиот метал никел нема надминување на дозволените граници. Според МЖСПП натамошните мерења покажале дека веќе состојбата на воздухот е стабилизирана и е во рамките на границите.

Тешките метали како што се оловото, кадмиумот, живата, арсенот и никелот не се само загадувачи на водата и почвата — многу од нив се присутни и во амбиенталниот воздух. Според неодамнешните извештаи од СЗО и CDC, вдишувањето дури и ниски нивоа на одредени тешки метали може да доведе до сериозни долгорочни здравствени ефекти, особено кога изложеноста е хронична.

Овие податоци се разликуваат од оние на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој изврши вонредно испитување во засегнатото подрачје на мостри земену во истите денови, односно на 14 септември. ИЈЗ ја испитувал радиоактивноста во вода, почва, и воздух како и присуството на тешки метали во почвата и во водата.

ИЈЗ извести дека според резултатите и направените анализи, во земените примероци не е утврдено присуство на радиоактивност во воздух и почва, исто така не е утврдено присуство на тешки метали во вода.

Забалежале зголемување само на 2 параметри Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место, а тоа е површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии и истото е во рамките на очекувањата.

Влијание на тешките метали на здравјето

Според студиите и извештаите на Светската здравствена организација (СЗО) вдишувањето е клучен пат на изложеност на арсен и кадмиум, како и водата и земјоделските продуктите од контаминирани подрачја.

Епидемиолошките докази го поврзуваат загадувањето на амбиентниот воздух што ги содржи овие метали со ефекти врз повеќе органски системи:

– Кардиоваскуларно оштетување, особено од кадмиум, олово, жива.

– Респираторни проблеми од кадмиум и никел

– Невролошки, развојни и репродуктивни ефекти како последица на зголемена концетрација на олово, жива, арсен

– Оштетување на бубрезите, хематолошки ефекти поврзани со крвта и влијанија врз скелетниот систем во некои случаи.

СЗО нагласува дека неколку од овие тешки метали, во соединенија на арсен, кадмиум, никел и бензен се канцерогени и дека за нив се препорачува најниско можно ниво на изложеност за да се минимизира ризикот од рак.

Публикацијата на СЗО „Здравствени ризици од тешки метали од прекугранично загадување на воздухот “, наведува дека оловото, кадмиумот и живата се перзистентни загадувачи на воздухот од индустриски извори, кои можат да патуваат на долги растојанија и да се таложат во почвата, водата и синџирите на исхрана. Изложеноста е поврзана со оштетување на бубрезите и коските (кадмиум), развојна и невробихевиорална штета кај децата (олово) и разни токсични ефекти во зависност од формата на жива.

Назад во реалноста

Северна Македонија веќе одамна има идентифицирани „жешки точки“ каде што тешките метали се повисоки — особено во рудничките региони и индустриски центри, како Кавадарци, Пробиштип, Злетово, Радовиш…

Иако директни мерења на тешките метали врз честичките ПМ₂,₅ и ПМ₁₀ се поретки во јавните податоци, одамна е познато Скопје по над дозволените вредности на овие честички.

Според IQAir податоци, просечната дневна концентрација на ПМ₂.₅ за земјата е околу 23.27 µg/m³, околу 4.7 пати над препорачаната годишна граница на СЗО.

Оттаму, регулаторните органи треба да ги засилат контролните мерки за индустриски емисии, управување со отпад и согорувањето на горива, а особено се важни точните мерења, транспаретно објавени во случаи на поголеми или големи катастрофи и ризици каков што беше пожарот во Трубарево.

Институцииите одделот на заштитата на животната средина и јавното здравје треба да бидат повнимателни и координирани во утврдувањето на ризиците и заштита на граѓаните и особено на  ранливите групи како што се децата, бремените жени, лица со хронични болести со информации и мерки за намалување на изложеноста.

Р.Р.

Зачлени се на нашиот е-билтен