Снег денеска и утре, на планините и до 50 сантиметри

Во текот на денешниот и утрешниот ден, на целата територија на земјата ќе има врнежи од снег, кои на одредени места, особено во западните делови, ќе бидат обилни, со количини над 40 литри на квадратен метар. Во многу региони ќе се формира нова снежна покривка, додека на планините нејзината висина ќе надмине 50 сантиметри, информира УХМР.

Во југозападниот дел од земјата се очекува снежна покривка повисока од 20 сантиметри. Ниските температури, придружени со засилен северен ветер, ќе предизвикаат појава на голомразица и снежни наноси.

Во Скопје снегот започна да паѓа уште ноќеска, а врнежите ќе продолжат и во текот на денот, со повремени пообилни периоди. Ќе дува умерен до засилен северен ветер.

Утре се очекува повремен снег, а до петок времето ќе остане студено и променливо облачно, со можност за повремено провејување слаб снег. Најниските температури ќе се спуштат под нулата, достигнувајќи до -10°C во среда, додека дневните ќе се движат меѓу -4°C и 6°C.

АМСМ известува дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози со остатоци од кашест снег. На неколку патни правци е забрането движење на тешки товарни возила:

Крива Паланка – граничен премин Деве Баир
Гостивар – Маврово – Дебар
Гостивар – Стража – Кичево
Пресека
Плетвар
Екипите на ЈП „Македонија пат“ активно работат на расчистување на теренот.

АМСМ апелира на внимателно возење, особено на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои ризик од одрони, како на делниците: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Зачлени се на нашиот е-билтен