Поради обилни врнежи од снег, од 15:25 часот денеска е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на кракот Маврово – Дебар, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Според видеа објавени на социјалните, снегот веќе паѓа интензивно на Стража, со слоеви што не се за потценување. Од АМСМ апелираат до возачите да бидат исклучително внимателни при движење низ овој регион.
Метеоролозите предупредуваат дека снежните врнежи ќе продолжат и ќе се прошират на повеќе делови од земјата. Во текот на попладнето и вечерта, снег ќе паѓа и во пониските места и градови, додека на планините и скијачките центри се очекува обилна снежна покривка.
Возачите се повикуваат да ја следат состојбата на патиштата преку официјалните канали и да се придржуваат до сообраќајните препораки.