Снег ја блокираше Македонија: забрана за тешки камиони кон Маврово, Дебар и Стража

Првите обилни снежни врнежи оваа есен предизвикаа проблеми во сообраќајот. Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва соопшти дека е воведена забрана за движење на тешки товарни возила на неколку планински правци.

Од 19:45 часот камионите не смеат да сообраќаат на патот Маврово – Дебар, а само десетина минути подоцна забраната беше проширена и на патниот правец Гостивар – Стража.

Силниот студен бран што ја зафати земјава донесе обилни врнежи од дожд, кои на повисоките места веќе преминаа во снег. Попова Шапка, Маврово и Стража утрово се разбудија под бел покрив, а снежната линија постепено се спушта кон пониските места.

Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи, и утре времето ќе остане студено и нестабилно. Дожд ќе има во поголем дел од земјата, а на планините и дел од повисоките региони се очекува нов снег.

Зачлени се на нашиот е-билтен