Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со ЕУ и Грција ќе ги зајакнуваме капацитетите за имплементација на европското законодавство од областа на индустриско загадување

Со твининг проект, со поддршка на Европската Унија и експерти од Грција, ќе се работи на зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство од областа на индустриското загадување. Ова беше истакнато денеска на одбележувањето на почетокот на твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на индустриското загадување“.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова изјави дека овој проект е од голема важност за нив како Министерство, но и за бизнис заедницата, инспекциските служби и секако и за квалитетот на животната средина и здравјето на граѓаните.

– Што, всушност, е наша главна цел и обврска. Имено, најголемите индустриски инсталации имаат значителен удел во вкупните емисии од клучни атмосферски загадувачи и имаат други важни влијанија, вклучувајќи ги емисиите во вода и почва, генерирање на отпад и користење на енергијата. Од таа причина, континуирано работиме на понатамошно усогласување на примарното и секундарното законодавство со европското и дополнителното зајакнување на националните и локалните административни капацитети во областа на индустриското загадување. Но, од голема важност е да се подобрат интегрираните еколошки дозволи, кои ги содржат условите поставени во согласност со принципите и одредбите на Директивата за индустриски емисии и заклучоците за најдобрите достапни техники, подвлече Шукова.

Проектот е структуриран во три компоненти.  

– Во правата компонента, која се однесува на усогласувањето на законската рамка, ќе продолжиме да работиме на подобрување на изменетиот нацрт – закон за контрола на индустриските емисии, на новите нацрт – подзаконски акти и измените на постојните, подготвени во согласност со проценката на разликите направена во рамките на проектот. Активностите од втората компонента се фокусирани на подобрување на процедурата за оцена на влијание врз животната средина за активностите на интегрираните еколошки дозволи, при што ќе се опфатат неколку моменти што ги сметаме за исклучително важни: подобрување на процесот на оцена на влијанието во рамките на постапката за ОВЖС за секторите кои спаѓаат во интегрираните еколошки дозволи и зајакнување на административните капацитети за процедурата за ОВЖС. Третата компонента е насочена кон подобрување на процесот на издавање на дозволите и поставките на гранични вредности на емисии за интегрирано спречување на загадувањето, појасни министерката.

Очекуваме преку овој проект, додаде, да им помогнеме и на издавачите на дозволите на локално ниво, со што ќе се постави поголема ефикасност и ќе постигнат подобри резултати во спречување на индустриското загадување.

– Проектот е во вредност од 1.000.000,00 евра, а треба да заврши до крајот на месец октомври, наредната година. Посакувам успешна имплементација и упатувам благодарност за поддршката до сите вклучени во проектот. Пред сé на Европската Унија, на грчката Влада и Центарот за меѓународно и европско економско право од Република Грција, како и на претставниците на сите национални и локални институции и асоцијации, вклучени во овие активности за постигнување на европските стандарди во делот на индустриското загадување. Наша цел не е да ја кочиме индустријата, туку напротив, да отвориме нови пристапи кон индустриските процеси со што ќе се развива економијата, но, не на штета на животната средина и здравјето на луѓето, децидна беше министерката.

Раководителот за соработка на делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Стефен Худолин изрази задоволство што е присутен на започнувањето на проектот. Тој рече дека Република Северна Македонија ќе има големи придобивки од искуството и знаењето што ќе ѝ бидат пренесени од партнерите во проектот.  

– Европската Унија се одлучи да го финансира овој проект, пред сѐ, затоа што сака да ја подобри ситуацијата во земјата, посебно во оваа област, каде што има проблеми од индустриско загадување. Успехот ќе зависи од резултатите што ќе бидат постигнати и од начинот на кој ќе бидат спроведени соодветни мерки, нагласи Худолин.

Амбасадорката на Република Грција, Софија Филипидоу, исто така, истакна дека е ова многу важен проект за двете земји, во негови рамки ќе се има можност да се споделат практики и искуство. Таа рече дека со ова, ќе се има можност да се обезбеди и помош во однос на приближувањето и усогласувањето со европското законодавство.

Административно тело за спроведување на овој проект е Центарот за меѓународно и европско економско право, ЦИЕЛ.

Секретарката на одборот во Центарот и раководителка на единицата за спроведување на овој проект, Вирџинија Тцорци рече дека им е голема чест што се денеска на овој настан. Таа се заблагодари на министерката за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и на делегацијата на Европската Унија, за изборот на овој проект и за топлото добредојде. Таа изрази задоволство од учеството во овој проект и воспоставувањето на мрежа на соработка.

Стилијанос Мавроматис, проект лидер на проектот и лидер на компонента еден, инспектор за животна средина од грчкото Министерство за животна средина и енергетика, се заблагодари на Европската комисија и појасни дека во рамките на проектот се околу 15 експерти, меѓу кои и од Словачка. Ако е потребно, ќе се ангажираат и други. Тој додаде дека фокусот е на спроведувањето на директивата за индустриски емисии.

– Целта е да се усогласи законската регулатива на Република Северна Македонија со барањата и условите од директивата за индустриски емисии и да му се помогне на Министерството за животна средина и просторно планирање да ги зајакне своите капацитети, во однос на издавањето дозволи и во однос на спроведувањето на оценката за влијание врз животната средина, категоричен беше Мавроматис.

Проектот ќе трае дваесет месеци.

Извор (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен