Децата во градинката “Bright Kids” во градот Киуксе, јужно од Мандале, спиеле кога во петок попладне нивната земја била погодена од разорен земјотрес. Двоспратната зграда се срушила, а десетици деца на возраст од две до четири години останале заробени во неа, пишува Гардија.
Со голи раце, спасителите копале во урнатините, очајно барајќи преживеани.
“Расчистувавме згради користејќи багери и спасувавме луѓе со рачни алати”, рекол Тар Нге, волонтер кој истакнал колку им е неопходна подобра опрема – метални резачи и генератори – но користеле се што им било на располагање.
Тар помогнал да се спаси четиригодишно девојче. Таа упорно молела да ја спаси, а тој ѝ давал шише со вода пред да биде извлечена од прашната урнатина. Девојчето било меѓу 12 деца кои биле спасени, заедно со четири воспитувачи.
За жалост, 16 деца и воспитувачка биле пронајдени мртви. Тар Нге немал време да почувствува било каква емоција од адреналинот што го преоптоварил, и по акцијата продолжил понатаму. Неговиот тим од 11 волонтери продолжил да се движи низ Киуксе, едно од многуте погодени подрачја.
Слични сцени се случувале низ централниот Мијанмар, со тимови волонтери кои користеле сѐ што им било на располагање за да ослободат преживеани – копале со голи раце и се влечеле низ срушени згради, често без заштитна опрема.
Повредените биле транспортирани во болници кои веќе биле преполни пред несреќата, а сега биле потполно пренатрупани. Според податоците на воената хунта на Мијанмар, повеќе од 1.700 луѓе загинале, а повеќе од 3.400 се повредени. Сепак, водечките експерти предупредуваат дека може да поминат неколку дена или недели пред да се открие вистинската големина на катастрофата.
На социјалните мрежи беа објавени слики од уништувањето – историски манастири, пагоди и џамии во централните области се срушиле или делумно срушиле, а дрвени куќи на столбови околу познатото езеро Инле во Шан Стејт биле уништени. Постојат слики од оштетени станбени згради, хотели и патишта. На мрежите исто така се појавија апели од очајни роднини.
На Фејсбук, еден човек од Мандале повикал помош, снимајќи гомила бетонски плочи, дрвени греди и метални шипки. Неговата мајка и деца биле под урнатините, рекол тој. Никој не дошол да помогне.
На друга видеоснимка, маж, силно потресен, молел за својата мајка, која била заробена во урнатините. “Те молам почивај во мир, мама. Не грижи се за мене”, рекол мажот, кој живее во главниот град на Мијанмар, кој е силно погоден од земјотресот.
Спасител изјавил дека тимовите работеле и преку ноќ, додавајќи дека најтешко било да се откажат од луѓето кои биле заробени. “Се чувствувам многу тешко. Сѐ уште има многу тела кои треба да се извлечат”, рекол волонтер кој сакал да остане анонимен. Телата биле испратени во мртвешница во градот, но немало струја.
Во Мијанмар едноставно нема доволно тимови кои можат да одговорат на сите повици.
“Тимовите на хуманитарни организации и младински групи соработуваат за спасување. Вчера имаше инциденти низ цела земја. Мораме да се справуваме со човечките ресурси кои ги имаме”, изјавил Теин Мин Тун, втор волонтер во Мандале.
Земјотресот дополнително ја влошува веќе тешката ситуација во Мијанмар, кој е зафатен од конфликти од 2021 година, кога војската ја презеде власта, отстранувајќи ја избраната влада на Аунг Сан Су Ѓи. Валутата, кјат, од тогаш е срушена, а 15,2 милиони луѓе – скоро третина од населението на Мијанмар – се соочуваат со големи проблеми.
Во петокот, хунтата во Мијанмар упати ретки апели за странска хуманитарна помош.
За сега, волонтерите прават сѐ што можат. По градинката, тимот на Тар Нге продолжил до срушена продавница за свила и ткаенини каде што било седум луѓе заробени, ресторан во кој биле пронајдени шест тела, чајџиница каде биле откриени два тела и пазар каде биле пронајдени уште три.
Надежите дека ќе се најдат повеќе преживеани во урнатините започнале да се гасат во Мандале, каде што поголемиот дел од жителите поминале уште една ноќ на отворено по страшниот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени по Рихтер, кој оставил повеќе од 1.700 мртви во Мијанмар и Тајланд.
Сепак, чудо било што една жена била спасена жива по 60 часа поминати под урнатините на хотел, по петчасовна спасувачка акција на екипи од Кина, Русија и Мијанмар.