Планот на Владата за зголемување на приходите по глава на жител на 10.000 долари зависи од економскиот раст, но за повисоки приходи потребни се реформи во образованието, деловната клима и енергетската ефикасност. Ова го истакна Иваило Изворски, главен економист на Светска банка за Европа и Централна Азија, на денешната презентација на извештајот „Поголеми височини: Раст кон високи приходи“ што се одржа во Скопје.
– Ако растот на БДП изнесува околу 10 отсто годишно, тогаш економијата може да се удвои за седум години. Во тој случај, од сегашните 8.000–9.000 долари по глава на жител, може да се достигнат 17.000. Но сè зависи од темпото на раст – рече Изворски, одговарајќи на новинарско прашање.
На прашањето колку време ѝ е потребно на Македонија за да го достигне просекот на ЕУ во приходи по глава на жител, тој одговори дека тоа зависи од растот на продуктивноста.
– Ако растот е сличен како на почетокот од 2000-тите, тоа може да се случи за 30 до 40 години. Но, ако продолжи сегашната побавна динамика, ќе бидат потребни 60 до 70 години – оцени Изворски.
Според него, држава со приходи од 8.000–9.000 долари по жител треба да вложи во три клучни области за да го премине прагот на високи приходи: образование, конкуренција и енергетска ефикасност.
– Со зголемувањето на приходите, расте и потребата од работна сила со подобри вештини, иновативност и претприемништво. Но, земјите од Европа и Централна Азија имаат три до четири години помалку образование во споредба со Источна Азија и западниот свет, иако даночните обврзници плаќаат за 13 години образование – рече Изворски.
Втората клучна слабост, според Светска банка, е слабото конкурентско деловно опкружување.
– Во Западен Балкан конкуренцијата е ограничена. Новите компании не можат брзо да растат како во САД или Германија, било поради недостиг на капитал, персонал или иновации. Потребна е средина што ќе ги поттикнува да се развиваат – рече Изворски.
Како трет фактор, тој ја истакна енергетската ефикасност.
– Иако во регионот се троши помалку енергија по глава на жител отколку во Западна Европа, по единица БДП се троши трипати повеќе. Зголемувањето на енергетската ефикасност ќе значи повисока профитабилност, пониски трошоци за граѓаните и помали потреби за субвенции – додаде тој.
Во однос на економските цели на Владата, премиерот Христијан Мицкоски викендов изјави дека една од приоритетите е БДП да достигне над 20 милијарди долари, односно 10.500 долари по глава на жител, како и намалување на јавниот и државниот долг под 50%, односно 40%.
– Минатата година ја завршивме со рекордни странски инвестиции – 1,255 милијарди евра. Во последниот квартал тие изнесуваа над 400 милиони евра. За кратко време најавуваме нова инвестиција вредна неколку десетици милиони евра со над 200 вработувања – рече Мицкоски.