„Ако изгубиме уште еден мајстор, губиме знаење што не може да се увезе“
Лидија Пљакова* и Орце Костов**
Пред повеќе од 120 години, пред распадот на Отоманската империја, Велес имал 45 самостојни грнчарски работилници и 45 мајстори, а била изградена и првата фабрика на Балканот за уметничка керамика, која извезувала производи во Англија и Германија.
Ја отворил Александар Лефков од Велес, кој занаетот го изучил во Виена и Дрезден, се вратил и го остварил сонот на сите велешки грнчари. За време турско, што би рекле велешани, „сме го достигнале врвот на тој занает, а сме немале држава“.
120 години подоцна, Македонија е самостојна и независна држава, но за жал, во Велес грнчарството, еснафот и занаетите се на прагот на исчезнување.
Во старата чаршија, крај пазарот, дуќаните на јажарите, самарџиите, лимарите, грнчарите и лимарите зјаат празни, а некои искривени рамки со црно-бели фотографии на нивните ѕидови сведочат за времето во кое и турските султани застанувале да им се поклонат на врвните мајстори на занаетот.
А меѓу тесните калдрми во кои денес се чувствува историјата на Велес, постоеле и ковачи, опинчари, плетачи на кошници, шапкари, кројачи итн., кои биле движечка економска сила, но ги однел виорот на глобализацијата и масовното производство.
Последните генерации занаетчии немаат повеќе на кого да ги пренесат своите вештини, младите се незаинтересирани да ги научат, иако се доволно свесни дека тие се нашето културно богатство, нашата историја и идентитет.
„Дете не ми влегло во дуќанот да праша за чирак“
Велес и околните места се последниот бастион во одбрана на занаетите од новата технологија. Лимарите, клучарите, кујунџиите, грнчарите, јажарите и чевларите сѐ уште работат во градот, но се бројат само на една рака и се последните потомци од лозата наследници на овие занаети.
Чевларот Игор Костовски – Клепа го наследил занаетот од татко му Баже. Додека ги поправаше новите модерни патики кои му ги донесе младо момче, се присети на времињата кога учел занает од татко му, кој успеал од занаетот да направи и куќа.

„Сега има многу работа, а многу помалку пари. Татко ми беше цел живот кондураџија и во негово време имаше помалку работа, но повеќе вреднуван труд, па се правеа и куќи од занает.
Нема чевлари, во моментов сме само двајца. Но, народот сѐ уште поправа чевли, поточно повеќе патики, затоа што не се баш евтини. Нема интерес кај младите да учат занает. Ниту едно дете не ми влегло да праша да учи занает како чирак. Јас имам 22-годишен син кој е на факултет и не сакав да го наследи дуќанот, бидејќи гледаше од мал како се мачев јас. Дуќанот е голема обврска, се работи по цел ден и немаш многу време за семејството“, вели Игор.
На времето во Велес постоеле вистински чевлари кои изработувале нови чевли по мерка.
„На времето се правеа и нови чевли. Тие биле вистинските чевлари, а ние сме крпачи. Тогаш се земало мерка за да ти направат нови чевли. Јас сум толку пренатрупан со работа за поправки и не можам да размислувам да изработам нови чевли“, рече мајстор Клепа и додаде дека единствените посетители кои не му се муштерии се дечињата од училиштето во близина, кои доаѓаат организирано со своите наставнички да се запознаат со кондураџискиот занает.
„Грнчарството за Велес е како темелот за куќата“
Еден од последните грнчари во Велес е Гоце Станчев од Соколана, маало во близина на градскиот пазар. Гоце и неговата сопруга 15 години работат во работнилницата под нивната куќа, а неколку години преку својата граѓанска организација Разбој организираат занаетчски работилници за деца, сѐ со цел да им ги откријат тајните на старите занаети како ткаење, столарство, копаничарство, грнчарство. Во Спомен-куќата на поетот и деец Кочо Рацин се одржува работилницата за грнчарство, а во куќата на Касапови работилниците за ткаење и изработка на накит.
„Дел од децата се многу заинтересирани да работат, но проектот завршува за 10 дена и тие нема каде да работат. Некои од нив, кога ќе видат колку е тежок процесот на изработка, се повлекуваат. Сега на интернет можат да заработат 50 евра како од шега, не мора да се мачат со занает. Развојот на општеството ги потисна занаетите“, вели грнчарот Гоце во разговор со Локал Актив Вардар.
Тој работи 15 години регистриран како занаетчија, плаќа давачки кон државата и освен во пандемијата, кога занаетчиите имале минимална помош од 5 месеци ослободување од придонеси, ништо не добил од државата.
„На голема врата занаетите ќе се вратат, оти сега се реткост. Многу етно-ресторани се отворија, имаме побарувачка, но сега нема доволно понуда, нема кој да работи. Занаетот нема да те остави да гладуваш, еве веќе 15 години егзистираме од ова, но треба да си жилав и психички стабилен. Може денес и утре никој да не ти влезе да купи нешто и затоа мора да работиш на повеќе производи и да го зголемиш асортиманот“, потенцира Гоце, кој е најмладиот последен грнчар во Велес.
Како што вели, со него, за жал, завршува традиционалното изработување на грнчарски производи од глина, затоа што нема млади кои сакаат да ги научат овие вештини.

„Грнчарството за Велес е како темелот за куќата. Грнчарството е многу специфична работа и секој не може да го работи, бидејќи почнуваш од една грутка земја и доаѓаш до производ. Досега можев сто пати да го затворам, но сакам да се развивам и наоѓам различни начини. За државата е многу лесно доколку сака да ги сочува сите занаети. Не можеш ти механичар со грнчар да го рамниш, лебар или козметичар. Тие се модерни вештини, а ние ова треба да го заштитиме како национално богатство. Ќе замре традицијата на старите занаети. Целта на занаетчијата е таа, да го пренесе занаетот и вештините“, вели велешкиот грнчар.
Гоце смета дека треба да се најдат системски и институционални решенија како што тоа го направиле Турција и Бугарија. Вели, за почеток, може Општина Велес наместо да им дава вино на гостите од странство, да им подарува грнчарски производи кои ќе ги откупи од некоја велешка работилница. Подготвен е да волонтира доколу има институција што сака да ги спаси традиционалните занаети.

„Да не го сакам грнчарството немаше да го издигнеме на ова ниво заедно со сопругата. Ги следам сите светски фестивали и имиња на керамиката. Кога отидов во Измир, Турција, сфатив дека за нив не е ништо тешко, го издигнале занаетот на многу високо ниво. Се учи во градинките, во основно училиште. Државата плаќа предавачи кои добиваат бесплатен алат и држат настава во образовните институции. Турција прави фестивал со светски имиња, а добија и заштита од УНЕСКО. Турција веќе има 45 грнчарски компании со по најмалку десет вработени мајстори“, открива Гоце и додава дека Македонија може да земе пример и од Бугарија како се заштитува културното наследство.
„Во Бугарија, ако сакаш да се занимаваш со грнчарство, ќе добиеш субвенционирана струја, ако обучиш чирак, давачките до 50% ти се покриени за него, ако ти треба машина за работа, ослободен си од даноци и увозни давачки“.
Според него, експлицитен пример за негрижата на системот кон занаетите се Рациновите средби.
„Тие средби се организираат многу години, а грнчарството никаде не се спомнува. Тоа за нас е навреда. Кочо Рацин бил поет, но бил и грнчар, тоа не треба да го криеме, туку да се гордееме со тоа. Кочо, можеби поради работата во грнчарството се образовал и тоа е добро да се истакне“.

Велес ја има единствената жена јажар во Македонија
“Не се откажувам од семејната традиција која трае речиси 100 години“, вели Благородна Кулева, единствената жена јажар во Македонија.

Ноне е технолог по професија, но откако дедо ѝ ѝ го оставил еден од најстарите занаети во историјата на цивилизацијата, таа решила да изработува јажиња и мрежи кои се барани и денес.
„Овој занает е во моето семејство повеќе од 100 години. Дедо ми Благој ми раскажуваше дека во негово време секое машко морало да оди да научи занает и тој почнал да го учи јажарството од своите вујковци. Со помош на неговиот занает ние како семејство егзистираме од 1965 година“, вели Кулева.
Во 90-те години дуќанот бил пред затворање затоа што татко и на Благородна, Аце, не можел да му се посвети на занаетот, бидејќи веќе работел како технолог во велешката Порцеланка.
„Моите родители веќе имаа своја работа, а сестра ми е помала од мене. Изборот беше јас да продолжам да го негувам наследството и така почнав да работам како јажар, а во тоа време имаше и многу повеќе работа“, вели Ноне за своите почетоци.
Јажиња и оглави за животни, спортски мрежи, плетени лежалки, лустери од јаже итн. Сѐ може да се најде во дуќанот на Ноне, кој се наоѓа во стариот дел на градот, во непосредна близина на Градскиот пазар.
„Занаетот не е профитабилен, но среќна сум што е семејното наследство. Додека сум жива ќе ги изработувам јажињата. Моите деца се занимаваат со друго, но го познаваат занаетот и се надевам дека аманетот на дедо ми ќе го пренесат на помладите“, посака Кулева.
Трајно културно наследство
„Старите занаети во минатото биле многу застапени не само во главниот град на државата, туку и во секое населено место. Најчесто тоа биле казанџија, кујунџија, самарџија, ковач, фурнаџија, папучар-опинчар, јорганџии и слично, сѐ во зависност од потребите на населението“, вели Драгица Чекоровска, етнолог и виш кустос во Музеј на град Неготино.

„Овој подем на занаетите траел сѐ до средината и крајот на 20 век. Крајот или изумирањето на занаетите започнува со појавата и развојот на техниката, технологијата, производството на машини, алати кои го олеснувале производството. Денес, во 21-ви век, сме сведоци дека некои од овие стари занаети се во изумирање или изумрени, но се прави некаков обид за нивно враќање на сцената на атрактивен туризам и слично. Еве еден пример во Неготино. Здружението на занаети ЗЗН Стари Занаети е многу активно и твори во областа на копаничарството. Здружението брои околу 20 членови кои творат, се занимаваат со резбарство или копаничарство, имаат свое ателје, работилница, постојано се во соработка, и имаат (каква-таква) поддршка од локалната самоуправа, Музеј на град Неготино, а порано имаа голема поддршка од американски корпус. Како резултат на поддршката, се одржува традиционалната копаничарска изложба на ЗЗН Стари занаети која се одржува 20 години во изложбениот салон на Музеј на град Неготино.
Значи, и покрај изумирањето на некои стари занаети, сепак има обиди од страна на некои здруженија за зачувување на оваа традиција, за која денес сме веќе и свесни дека е трајно културно и историско наследство “, тврди Чекоровска.
Континуиран пад на бројот на активни занаетчии
Податоците од Занаетчиската комора на Република Северна Македонија и Централниот регистар покажуваат дека во последната деценија бројот на активни занаетчии е во континуиран пад.
Во регионот на Велес, Чашка и Градско, Комората бележи намалување од околу 30–35% во однос на 2014 година.
„Тоа не е само статистички факт, туку предупредување за губење на дел од нашето културно и економско ткиво. Причините за овој пад се повеќеслојни – стареење на мајсторите, недостиг на млади наследници, ограничен пазар и конкуренција од индустриското производство“, рече Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија.

претседател на
Занаетчиската комора на Република Северна Македонија
Министерството за економија секоја година распишува јавни повици за поддршка на занаетчиите, а во повеќе наврати и самата комора има реализирано добро осмислени промоции и настани за поттикнување на занаетчиството.
„Сепак, за жал, во сегашните мерки старите занаети не се системски опфатени. Некои општини ги субвенционираат симболично, но тоа не е доволно за нивно опстанување. Нашиот став како комора е јасен – бараме од Министерството за култура старите занаети трајно да се субвенционираат и да се третираат како културно наследство. Занаети како грнчарството – едно од најстарите во нашата земја – филигранството, шапкарството и други – треба да имаат официјална заштита, како и финансиска и институционална поддршка, за да се одржат за идните генерации“, сметаат од Занаетчиската комора.
Претседателот Фазлији вели дека покрај старите занаети, кои имаат културна и историска вредност, нашата држава има растечка потреба и од профитабилните занаетчиски дејности кои се суштински за економијата.
„Водоинсталатерите, плочкарите, електричарите, заварувачите и многу други професии се од витално значење за секојдневниот живот и развој на инфраструктурата. Во регистарот на ЗКРСМ се евидентирани околу 130 занаетчиски дејности, секоја со своја специфична улога и придонес кон општеството “, додаде тој.
Комората како институција има за цел да ги идентификува и регистрира старите занаети со културно-историска вредност. Во рамките на својот Тренинг центар, Занаетчиската комора на РСМ организира курсеви за традиционални и современи занаети, обуки за управување со бизнис и дигитален маркетинг, подготовки за полагање на мајсторски испити, како и соработка со средни стручни училишта и факултети за комбинирање на теоретско и практично образование.
„Секој занает – било да е стар традиционален мајсторски занает или современа техничка вештина – е дел од нашето богатство. Ако изгубиме уште еден мајстор, губиме знаење што не може да се увезе и вредност што не може да се пресмета во пари. Затоа, потребна е долгорочна, системска и инклузивна политика за поддршка на сите занаети “, заклучи претседателот Агрон Фазлији.
Некогаш има, некогаш нема поддршка за занаетчии
Министерството за економија и труд објави јавен повик за субвенционирање на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, односно за финансирање на докажани трошоци за набавка на нови машини, алати и дизајн на нов производ, на кој ќе може да се јават и занаетчиите од велешко. Но, никој нема да добие повеќе од 2.000 евра.
Вкупниот буџет за оваа мерка изнесува 3.000.000 денари, а субвенционирани ќе бидат трошоци направени во 2024 и 2025 година. Лани Буџетот на истиот повик изнесуваше 6,5 милиони денари, што значи дека оваа година занаетчиите ќе добијат 55.000 евра помалку од 2024 година.
„Бараме од Министерството за култура старите занаети трајно да се субвенционираат и да се третираат како културно наследство. Занаети како грнчарството – едно од најстарите во нашата земја – филигранството, шапкарството и други – треба да имаат официјална заштита, како и финансиска и институционална поддршка, за да се одржат за идните генерации“, апелираат од Занаетчиската комора
Повикот е дискриминирачки затоа што помош ќе добијат само вршители на занаетчиска дејност кои имале позитивен финасиски резултат во 2024 година и не биле субвенционирани претходно, а не и оние традиционални занаетчии кои едвај преживуваат и се трудат само да го одржат аманетот од нивните родители.
Најважно од сѐ е што занаетчиите кои плаќаат паушален данок на личен доход немаат право на учество, а тоа се токму јажарите, грнчарите и чевларите кои плаќаат токму паушал затоа што годишните приходи не им надминуваат 1 милион денари.
Некои од занаетчиите се префрлаат од рачна изработка кон индустриска технологија со цел да ги користат поволностите од Агенцијата за вработување која има годишни програми за поддршка за отворање на микро-бизниси. Таков е случајот со грнчарот Тале Димовски од Чашка кој го научил занаетот кај грнчарот Тони Анѓелов од Чашка.
„Активно работам пет години. Произведувам сѐ од од глина – од украсна керамика до садови за готвење. Поттикнат од идејата за сопствен бизнис започнав и веќе сум во постапка за грант од Агенција за вработување – Велес преку мерката самовработување, што е добро. Сметам дека може да се живее со занетчиството, но јас користам индустриска технологија за изработка на предметите, односно калапи, преси, печки, како и обработка на глина во млин“, вели Димовски.
И Град Скопје повторно распиша повик за помош на занаетите во изумирање, а сумата поединечно е речиси беззначајна: ќе се доделат по 10.000 денари поединечно.

За таа цел се издвоени вкупно 300.000 денари кои ќе се доделуваат сѐ до нивно целосно искористување.
Право на учесто на јавниот повик имаат занаетчии, жители на град Скопје (општините: Аеродром, Карпош, Центар, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари, Чаир) кои обавуваат занаетчиски дејности во изумирање, кои согласно обработените податоци бележат намалување на активноста во континуитет, и тоа следните занаети: јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, венци, сита, саатчија, ракотворби – корпар, ракотворби – изработка на сувенири, домашна ракотворба, изработка на филигран, накит и слични производи, производство на музички инструменти и самарџија.
За разлика од скромната понуда на главниот град, Општина Велес воопшто не субвенционира занаети со директна поддршка, туку само ги помага невладините организации како Разбој да ги организираат етно-креативните работилници во музејските куќи во Велес.
Последниот повик на Општина Велес за занаетчии се случи во 2020 година, кога занаетчиите беа повикани да се вклучат во проект за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија, финансиран од ЕУ.
Проектот предвидуваше создавање на соодветен простор (типизирани занаетчиски објекти) за работа и промоција на занаетчиските (грнчарство, сувенири) и прехранбените производи во централното градско подрачје, покрај реката Вардар, како и воспоставување соработка со занаетчиите од Лерин, Република Грција.
* Лидија Пљакова е активистка во Организација на жени – Општина Велес.
** Орце Костов е новинар.
***Сторијата „Изумираат занаетите во велешко“ е преземена од порталот Локал Актив Вардар, онлајн медиум на локалните заедници од Вардарскиот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.
Локал Актив Вардар е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.
Локал Актив Вардар се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.