Премиерот ги одобри предлозите на коалицијата „Вреди“ за кадровски промени во владината структура, по што имињата официјално се доставени до Собранието. Според поднесените предлози, Беким Сали е номиниран за вицепремиер и министер задолжен за европски прашања, а Мухамед Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање.
Во однос на досегашниот министер за европски прашања Орхан Муртезани, засега нема потврда дали ќе ја продолжи кариерата како амбасадор во Брисел. Од коалицијата наведуваат дека разговорите по ова прашање сè уште траат.
Нема промени во ресорот здравство, иако во изминатите денови се појавија шпекулации за можни кадровски ротации и замена на министерот Азир Алиу. Останува отворено прашање дали овој ресор ќе биде опфатен со најавената реконструкција на Владата по одржувањето на конгресот на ВМРО–ДПМНЕ.