Среќни и позитивни луѓе кои верувале дека ќе успеат да се остварат како родители и дека годините се само број, тоа се 57 – годишната Соња и 69 -годишниот Марко Миротиќ од Грбавци, во близина на Подгорица.
Новиот член на семејството го очекуваат во април, кога Соња има термин за породување, прв во 57. година од животот по долготрајна борба за потомство.
Тие ја пречекале екипата на “Дан” со широки насмевки и како да се работи за нешто сосема секојдневно и ни раскажаа како ги срушиле сите бариери, предрасуди на околината и поместиле граници. Тие имаат желба да охрабрат сите парови кои се двоумат дали да продолжат борбата за потомство. За семејството Миротиќ, откажувањето не е опција.
– Ако здравјето дозволи, продолжуваме понатаму – истакнува Соња Миротиќ.
Таа додава дека по 22 години борба им се остварила големата желба да станат родители.
– Затоа им порачувам на сите парови кои поминуваат низ она што поминавме и ние, да веруваат. Прво да веруваат во себе и во својот партнер и да имаат огромна желба за тоа. Можеби ќе помислат да се откажат, тоа е нормално, тоа е психа, но и удар по џеб, но само да бидат упорни и веројатно ќе им се оствари. Кој верува во чуда, чуда и создава. порачува Миротиќ.
Соња и Марко се во брак 23 години. Одеа, како што вели, кај доктори кои им беа препорачани.
– Сепак, сè беше безуспешно. Во еден момент од сè се откажавме. Но, нашата блиска пријателка Зденка Живковиќ повторно не охрабри – вели идната мајка.
Таа истакнува дека пријателката била нивната покренувачка сила и била постојано покрај нив во борбата со фертилитетот.
– Зденка не дозволи, беше упорна. Случајно дознавме за докторката Ана Јеремиќ од Фармак. Додека бевме кај неа во ординација, нејзините колешки телефонираа на неколку клиники, но рекоа дека секоја има лимит за жени, односно интервенираат само до 54 години, а јас утредента полнев 56 – раскажува Соња.
Докторка Јеремиќ ги информирала за клиниката во Скопје.
– Таму ни рекоа дека нема лимит, па веќе на 1. април отидовме на прегледи. Докторите беа задоволни од наодите. Бидејќи имав некои компликации, преносот беше направен на 26. јули. Оплодени се пет ембриони. Два ми ги инјектираа, еден се задржа и имам уште три. Се надевам дека и тие ќе ги искористам во иднина – вели Соња со насмевка.
Нејзиниот сопруг Марко не ја крие радоста што ќе станат родители по многу години чекање.
– Главното е да веруваш во тоа што го започнал. Ако не веруваш, џабе е сè – вели Марко.
Брачниот пар Миротиќ се борел со години да има потомство. Во таа борба барале стручни совети од доктори во многу земји. Имало моменти кога ја губеле надежта, но верувале дека ќе станат родители.
– Во турската клиника ни рекоа дека има шанса да ја исполниме нашата желба – се присетува Марко.
Соња и Марко се подготвени да им помогнат на сите кои имаат потреба од помош за да се остварат како родители. Соња вели дека се тука за сите парови доколку им требаат совети или контакт со докторите.
– И сега не контактираат луѓе и бараат број на телефонот на докторот каде што бевме во Скопје. Кому ќе биде потребна помош, тука сме. Ако некој не може да се снајде, Марко е подготвен да ги однесе – вели Соња Миротиќ.
Миротиќво Скопје биле пријатно изненадени од услугата, љубезноста на целокупниот персонал, медицински сестри и доктори.
– Сите тие ни внесоа надеж и вера дека овојпат ќе успееме. Со нетрпение чекам да го видам повторно докторот Младен. Овде мојата бременост ја следи доктор Јовановиќ. Благодарна сум на се – вели Соња.
Соња и Марко го слават роденденот на 20. март, па се надевале дека и бебето ќе се роди на тој ден.
– Сакав да се направи царски рез тогаш, но тоа не е возможно. Тоа ќе ни биде роденденски подарок. Ќе се радуваме на детето, и кога и да се роди, ќе биде најубавиот подарок – нагласува Соња.
Радоста која ја почувствувала кога дознала дека е во бременост, и денес ја чувствува.
– Никогаш нема да го заборавам моментот кога дојде сопругот и донесе наодите. Го видов бројот и почнав да скокам од радост, да плачам, да викам, да се смеам. Тоа беше прекрасен момент – се присеќа Соња.
Соња вели дека тие се најстарите брачни парови од Црна Гора кои биле лекувани на клиниката во Скопје.
– Бевме најстарите, а доаѓаат и млади луѓе од 19 до 20 години. Иако ниеден доктор не може да гарантира 100% дека ќе добиете потомство, сепак треба да веруваме. Кога веруваме силно, сè ќе оствариме – порачува Соња.