Во последните 17 години, сопствениците на дискотеки, кабареа и хотели потпишувале изјави, под морална и кривична одговорност, дека нивните објекти ги исполнуваат минималните технички услови. Но, со измените на законот од 2008 година, Пазарниот инспекторат беше отстранет од процесот на проверка на овие услови. Овие измени, според министерот Бесар Дурмиши, го создадоа правниот простор за злоупотреби.
„Законот беше изменет во 2008 година за да се подобри бизнис климата и да се олесни процесот на добивање на документација. Но, тоа беше злоупотребено. Пред 2008 година, Пазарниот инспекторат имаше обврска да излезе на терен и да направи проверка, по што Министерството за економија издаваше лиценција,“ изјави Дурмиши.
Дурмиши исто така напомена дека Министерството за економија не е одговорно за евентуални злоупотреби направени од други органи, како што се општините или Министерството за внатрешни работи. Според неговите зборови, Министерството потпишува лиценци на база на документи од надлежните институции.
„Во изминатите 116 вонредни контроли, забрана за работа беше изречена на 10 објекти, а 15 од 23 субјекти со активни лиценци не ги исполнуваат основните технички услови. Кога се менуваше законот, странката сама ја пополнувала документацијата,“ објасни Дурмиши.
Со најавените измени на законот, пред добивањето на лиценца од Министерството за економија, Пазарниот инспекторат заедно со локалните инспектори ќе мора да ги проверат техничките услови на терен. Новите услови вклучуваат задолжителни безбедносни мерки, како итни излези, хидранти на секој кат и автоматски системи за гаснење во големи паркинзи.