Во Македонија, 80% од храната се увезува, што ја прави ценовната стабилност зависна од глобалните фактори. Претставниците на бизнис заедницата во емисијата „Бизнис 21“ посочија дека на инфлацијата влијаат берзанските цени и зголемените трошоци за плати во производството, како резултат на недостаток на работна сила.
Според Горан Малишиќ, претседател на мелничко-пекарската индустрија при СКСМ, проблемот лежи во драстичното намалување на домашното земјоделско производство. „Порано мелничката индустрија откупуваше 200.000 тони домашна пченица, а денес тоа е максимум 60.000 тони,“ изјави тој.
Иако граѓаните се жалат на високите цени, Горан Ѓорѓиевски од бизнис заедницата тврди дека лебот во Македонија е меѓу најевтините во Европа.
„Според Евростат, основните производи кај нас се со најниска цена,“ додаде тој.
Цените на месото, пак, остануваат тема за дискусија. Бојан Ѓорѓиевски, претседател на ЗПСМ „Македонско прасе,“ смета дека свинското месо треба да биде за 80 денари поевтино од актуелната цена. „Ако има желба, цените би можеле да се намалат,“ истакна тој.
Бизнис секторот ја посочува потребата од примена на Законот за нефер трговски практики, кој од следната година би можел да ја намали улогата на високите трговски маржи.
„Моќните трговци не само што ги оштетуваат малите компании, туку и граѓаните,“ рече Малишиќ, повикувајќи на државна стратегија за зголемување на домашното производство на храна. Според претставниците на бизнис заедницата, ова е клучно за подобрување на ценовната стабилност и намалување на увозната зависност.