14-те лица кои беа повредени во пожарот во Кочани и хоспитализирани во болниците во Бугарија, остануваат во критична состојба. Тие имаат сериозни изгореници и повреди од вдишени врели гасови, што им нанеле големи телесни повреди.
Министерот за здравство на Северна Македонија, Арбен Таравари, денеска патува во Бугарија за да се сретне со повредените.
Од болницата „Пирогов“, каде што се лекуваат осум од повредените, соопштуваат дека пациентите ќе имаат потреба од трансфузија на крв. Во соработка со бугарскиот Црвен крст и Националниот центар за трансфузиона хематологија, започната е акција за крводарителство.
До крајот на оваа недела, на паркингот пред болницата „Пирогов“ во Софија ќе биде поставен шатор на бугарскиот Црвен крст, каде што медицински тимови и волонтери ќе примаат крв од оние кои сакаат да помогнат на повредените.