Советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Кочани со солзи поднесе оставка – Не успеав да ги исполнам ветувањата бидејќи тоа не беше важно за градоначалникот и раководството

Општина Кочани денеска избира нов вршител на должноста градоначалник, откако актуелниот градоначалник Љупчо Папазов заврши во притвор како осомничен за трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, во кој загинаа 61 лице.

За функцијата има двајца кандидати – независниот Венко Крстевски и Гоце Марков, предложен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата, што беше прекината по оставката на советничката Кристина Атанасова од ВМРО-ДПМНЕ, се одвиваше во напната атмосфера, проследена со политички обвинувања за злоупотреба на трагедијата за партиски поени.

Независниот кандидат Венко Крстевски од говорницата порача дека подава рака за обединување и нагласи дека неговата кандидатура е со цел да не се блокира работата на градот.

„Кочани е во тешка состојба, потребна е нова енергија и единство за да ги надминеме последиците од трагедијата“, изјави Крстевски.

Но од ВМРО-ДПМНЕ следеше критика. Советникот Мирче Стојков го нападна Крстевски, тврдејќи дека „нема високо образование“ и дека се однесува „како поранешен премиер од Будимпешта“.

„Се согласивме дека Венко не смее да биде избран. Гоце Марков е човек кој реагира смирено и хумано во кризни ситуации“, рече Стојков.

Од СДСМ, советникот Ивица Лазаров порача дека сега не е време за политика.

„Градот е мртов, сите сме скршени. Бараме техничко лице, а не политичар. Најважно е да се помогне на семејствата на настраданите“, нагласи Лазаров.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Марков, повика на поддршка за, како што рече, „да го задржи пулсот на градот“:

„Ова не е за самопромоција. Бев присутен на местото на трагедијата. Имам јасен план: прво – поддршка за семејствата, второ – аплицирање за проекти, трето – решавање на депонијата, четврто – стабилна општина“, рече Марков.

Најемотивниот момент беше оставката на советничката Кристина Атанасова, чијo дете е меѓу повредените од пожарот и сè уште се лекува.

„Ова е понижувачко и недостојно за мене и за сите што ме поддржаа. Ќе се посветам на моето дете и на сите други повредени деца. Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете“, рече низ солзи.

По нејзиниот говор, Советот направи пауза, откако речиси сите присутни беа длабоко потресени.

Со длабока емоција и солзи во очите, советничка од ВМРО-ДПМНЕ се повлече од функцијата во Советот на Општина Кочани, обвинувајќи го општинското раководство за негрижа и трка по функции наместо грижа за граѓаните.

„Барам прошка од сите што ми го дадоа гласот. – рече таа, додавајќи дека наместо за јавниот интерес, тие се грижеа само за лични привилегии. Наместо за јавниот интерес, се бореа за лични привилегии“, рече советничката со кревок глас.

Оставката ја поднесе токму во моментот кога Советот избираше в.д. градоначалник, оценувајќи дека целиот процес бил „понижувачки и недостоен“.

„Тие што не ме знаат, ќе ме осудуваат. Но тие што ме знаат – ќе разберат зошто заминувам“, додаде таа.

Советничката посочи дека отсега ќе се посвети на своето болно дете, но и на сите деца што се соочуваат со болка и неправда.

„Сите идеали не вредат колку солзите на едно дете“, заврши таа, по што следуваше молк и пауза на седницата, додека дел од присутните едвај ги задржуваа солзите.

Зачлени се на нашиот е-билтен