Советниците не ја прифатија иницијативата за поскапување – Кафеанџиите ќе плаќаат симболична такса од 5 денари за терасите како во ковидот

Иако веќе четири години се укинати мерките за заштита од ковид-19, угостителите во Скопје сè уште уживаат повластена цена од само 5 денари за метар квадратен јавна површина, за поставување тераси пред своите локали. Оваа ниска комунална такса беше воведена во 2020 година како дел од антикризните мерки на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, со цел да им се помогне на кафеанџиите во време на пандемиските рестрикции.

Иако здравствената криза одамна е минато, Град Скопје до денес не ја коригирал оваа одлука. Дури на денешната седница на Советот беше предложено да се врати старата цена од 15 денари по квадратен метар – но иницијативата не доби поддршка.

„Нема веќе ковид, нема оправдување оваа одлука да остане во сила. Исто така, треба да се изедначат условите со општините, каде што се наплатува комунална такса од 8 до 15 денари“, истакнаа од Секторот за даноци и такси при Град Скопје.

Предлогот, кој дојде од тимот на градоначалничката Данела Арсовска, не беше усвоен бидејќи за него гласаа само шест советници. Така, кафеанџиите и понатаму ќе продолжат да плаќаат симболична такса, како во време на пандемија, и покрај тоа што условите за работа одамна се нормализирани.

Зачлени се на нашиот е-билтен