Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Спасовски: Зајакнување на образовниот систем и родителска контрола над децата

Зајакнување на системот на контрола во образовните институции, подигнување на степенот на образование и зајакнувањето на стручните служби кои ќе се грижат за менталното здравје на децата, би помогнало многу во процесот да не дојде до состојби за кривична одговорност кај малолетници. Но потребно е и родителите да преземат сериозна одговорност во контролата на децата, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, во рамките на 50. Европска регионална конференција на Интерпол што се одржува во Охрид, за предлозите за намалување на границата за кривична одговорност кај малолетници, по масакрот во Србија, Спасовски рече дека е потребна широка дебата која би помогнала во процесот. Забраната на социјални мрежи и намалувањето на старосната граница за кривична одговорност кај малолетници се дел од предлозите на јавноста, по случувањата во соседството.

– Мојот личен став е дека не треба ниту еден од оние вртлози да биде отворен, туку напротив да се отвори една широка дебата, и сепак одлуките да ги носиме не водени од емоциите, туку да ги носиме од разумот, она што е рационално во еден момент да може да го направиме. Така што, сметам кога се работи за безбедноста сите опции коишто ќе ја подобрат безбедноста, вреди и да се размисли и да бидат прифатени. Ќе отвориме дебата по конкретното прашање, рече Спасовски.

Според него, родителите имаат сериозна одговорност во тој дел осврнувајќи се на контролата врз децата во однос на пристапот на интернет, социјални медиуми и слично.

– Меѓутоа и како родители секој од нас има една сериозна одговорност во овој дел. Да размислиме сериозно дали и кога е границата во којашто ние ќе дозволиме децата да имаат смарт телефони, пристап до интернет. Затоа што сепак гледаме дека таквиот пристап на сите нас како граѓани придонесува едноставно на децата да им дадеме таканаречено оружје во раце со пристап до тие социјални медиуми, до интернет. Времето на развојот на технологијата ги овозможува сите тие активности. И ние не треба да се враќаме сега назад чекор кон развојот на општеството. Меѓутоа треба да создадеме услови коишто ќе гарантираат безбедност во таа фаза, нагласи министерот за внатрешни работи.

Зачлени се на нашиот е-билтен