Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Спокојот на последното почивалиште на цар Самуил во Мала Преспа

Нашата последна сторија од посетата на Мала Преспа, Лерин и Воден од малото острово Свети Ахил. Во спокојот на последното почивалиште на царот на Бугарите, кој владеел на територијата Македонија и со Македонците, врховниот непријател на Византија, со потекло од Ерменија чии коски почиваат во Солун, Грција.

На оваа последна сторија од серијалот претходеа: Македонскиот јазик е борба која никогаш не завршува – За Центарот за македонски јазик во Грција; Преспанскиот договор e приказна за поврзувањето, за слободата и за солзите на катарзата и Македонците во Грција: Реката е помината, нема враќање назад

Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ, Фотографија: Ангел АНГЕЛОВСКИ, Камера: Алек РИЗИНСКИ, Монтажа: Бисера МИХАЈЛОВСКА

Кога ќе започне спуштањето низ падините на планината Вигла после Лерин, се пристигнува до одмориштето од кое „пука“ погледот кон Мала Преспа. Од таа позиција се гледаа македонскиот дел на Преспанкото Езеро и цела Мала Преспа на грчката територија, како и кракот на малото езеро кое завршува во Албанија.

Речиси е неверојатно колку е нереално да се прифати дека во овој предел, пределот на Мала Преспа во Грција, или пошироко на тромеѓето на границите на Албанија, Грција и Северна Македонија, кој оддишува со такво нереално спокојство се одвивале толку драматични настани на крајот на 10-тиот и почетокот на 11-век.

Тоа е периодот кога тука било седиштето на Самуиловото царство, кое некои историчари го нарекуваат Западно-бугарско царство, а некои Македонско.

Самуил, откако заедно со своите браќа Давид, Мојсеј и Арон, го организирал и спровел бунтот на комитопулите, (млади кнезови), за да основаат ново царство бидејќи првото, односно источното Бугарско царство, веќе било под власт на Византија.

Во битките за осамостојување на нововостановеното царство, животите ги загубиле Давид и Мојсеј, а Самуил го погобил Арон за да биде единствен владетел на царството.

Бидејќи на источните граници Самуил ја имал Византиската империја, својата стратегија за проширување на неговото царство ја насочил кон југозападна Македонија, на југ на Грција до Пелопонез, а наговите западни граници во врвот на неговата моќ стигнале до Дубровник на запад и до бреговите на Дунав на Север.

Со оглед на тоа дека Византија го сметала за врховен непријател, Самуил верификацијата за своето царство ја побарал на запад кај царевите на Франките и Германите Карло Велики и Отон Први, а црковната круна ја побарал и ја добил од Римскиот Папа Григориј Петти.

Откако ја легализирал својата власт и круна, Самуил, тука, на островот во Мала Преспа, ја изградил својата престолна тврдина и катедралниот храм кој го посветил на Свети Ахил, откако тука ги донел моштите на овој светец после еден од своите освојувачки походи на Лариса.

Денес, во спокојот на овие некогаш царски предели, за бурните настани од неколку десеттици години колку што опстојувало Самуловото Царство сведочат овие рушевини.

„Градбата е од 10 век, направена од мајстори градители од Лариса по нарачка на царот на Бугарите Самоил“.

Ова е само фрагмент од записот поставен на информативната табла за старата базилика чии остатоци се зачувани до денес на островот Свети Ахил во некогашна Егејска Македонија, а денес Грција. Текстот е испишан на грчки и англиски јазик. Единаесет векови подоцна, од базиликата зачуван е само дел од градбата, но таа и денес е најголемиот материјален доказ за поврзаноста на островот со Цар Самуил.

Во 1969 година грчкиот археолог професор Николаос Муцопулос правел ископувања во базиликата Свети Ахил на истоимениот остров во Мала Преспа и на десниот нејзин наос отворил четири богати гроба, кои биле ограбени уште во средниот век. И покрај отсуството на натписи Муцопулос претпоставува дека тоа се гробовите на Самуил, неговиот син Гаврил Радомир, Јован Владислав и зет му Јован Владимир.

Антрополошките истражување на коските за кои се смета дека се на Самоил, покажуваат дека мажот бил висок околу 1,60 метри и починал на околу 70 години со траги од рана  за која се претпоставува дека е онаа од битката кај Сперхеј.

Островот го одзема здивот со своето спокојство и природна убавина, со светлината која секако се должи на езерските води и на чистиот воздух.

До него се стигнува по пешачки мост подигнат над езерото, па додека се минува има убава глетка зашто езеро опкружува и од левата и десна страна.

Низ водите пливаат пајки, летаат пеликани, штркови, создавајќи несекојдневна глетка и мешавина од звуци. Малото Езеро од езерскиот комплекс Преспа, денеска е едно од последните сочувани европски природни резервати за птици, меѓу кои живеат и последните примероци на неколку видови птици. 

Ова е еколошки остров, нема возила, до него не води асфалтен пат, ниту педа земја е асфалтирана. Насекаде се простираат ливади на кои пасе добиток.

Наспроти обидите островот да се прикаже исклучиво како дел од бугарската историја, жителите во селото зборуваат македонски.

Како што не пречека, така и на испрати. Со спокој. Спокој кој му доликува на последното почивалиште на царот на Бугарите, кој владеел на територијата Македонија и со Македонците, врховниот непријател на Византија, со потекло од Ерменија чии коски почиваат во Солун, Грција.

*
Серијата репортажи „Три дена во Лерин и Мала Преспа“ се реализирани со поддршка на Фондацијата Заев – Едно општество за сите

Зачлени се на нашиот е-билтен