Еден од најзначајните симболи на македонската борба за државност, споменикот „Илинден“ во Крушево, е оставен на забот на времето и денеска пропаѓа под вода, објави „Дојче веле“.
При посилни дождови, подот на објектот се покрива со вода, а оштетувањата се очигледни: витражите се скршени, подните плочи распукани, а металните рамки на прозорците кородирани. Влагата навлегува и до гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република, кој е дел од внатрешноста на спомен-комплексот.
Подеднакво загрижувачка е состојбата и со надворешната фасада, која е значително оштетена и извалкана.
Надлежните институции, според „Дојче веле“, велат дека нема доволно средства за санација, а дополнителен проблем е што во земјава речиси и да нема стручни кадри со знаење и искуство за конзервација и обнова на ваков вид архитектонски објекти.
Споменикот „Илинден“ или Македониум е отворен во 1974 година и со децении претставува едно од најпрепознатливите места на македонската меморија и култура.