Според ВМРО-ДПМНЕ, пред еден месец Коцевски ги штител поранешните функционери, а сега е „доминус литис“ и гарантира правда

ВМРО-ДПМНЕ на 13 февруари објави соопштение во кое го посочи функционирањето на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски како поразително и го обвини дека ги штити поранешните функционери на СДСМ и ДУИ, а денес министерот за внатрешни работи, кој доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски го означи како лице кое ја води истрагата за трагедијата во Кочани.

„Функционирањето на Коцевски повеќе од 8 месеци е поразително. Коцевски со месеци ги штити поранешните функционери од СДС и ДУИ. Љупчо Коцевски 8 месеци нема покренато ниту едно обвинение. Љупчо Коцевски е целосно одговорен за не постапувањето и неработењето на обвинителите под него. Љупчо Коцевски е одговорен за ставањето под закрила на политичките криминалци од СДС и ДУИ. Коцевски наместо да работи на владеење на првото и да го санкционира криминалот тој ја продлабочува недовербата на граѓаните во правосудството“ велеа од ВМРО-ДПМНЕ за Коцевски пред нешто повеќе од еден месец.

Денес, министерот Тошковски изрази уверување дека ќе има праведна истрага за трагедијата од Кочани и зборуваше за соработката помеѓу МВР и јавното обвинителство.

„Дејствијата што ги преземаме по насока на ЈО се професионални, очигледно е дека сето она што го имаме преземено во изминатиов период е целосно во рамки на законските овластувања кои ги имаме. Нема тука наши-ваши, тука има луѓе кои се одговорни и луѓе кои не се одговорни. Но, мора да почитуваме процес на правда и мора темелно и посветено да ја работиме истрагата како што доликува на една држава која што треба да одговори соодветно,“ изјави Тошковски.

Тој исто така го ослови и обвинителот Коцевски како „доминус литис“, односно човек кој ја води истрагата, иако неговата партија пред само еден месец го етикетираше дека не постапува по наводи за криминал и го обвини за продлабочување на недовербата на граѓаните во правосудството.

На ваквиот потег реагираше и професорката Емилија Целаковска, која го постави прашањето дали веќе Коцевски не е дел од трулиот систем.

„’Доминус литис’ веќе не е од тој трулиот систем, ви гарантира системџијата. Тефтерот да не е во интерпелацијата на доминусот? Се прашувам“ пушува професорката Целаковска.

Зачлени се на нашиот е-билтен