Полицијата утрово спречи обид за разбојништво во маркет на улицата „Џон Кенеди“ во Чаир, информира Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил околу 5 часот, кога граѓани пријавиле дека три лица насилно влегуваат во маркет. Екипи од Единицата за интервентна полиција и Полициската станица Бит Пазар веднаш излегле на терен.
„Лицата, откако ги забележале полициските службеници, се дале во бегство, при што еден полицаец испукал предупредувачки истрел во воздух. По преземени мерки, приведени се А.Х. (23) и Е.А. (19), а за третото лице се трага,“ соопшти МВР.
Случајот се расчистува, а против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.