Срам за Скопје: Вардар преполн со ѓубре додека градот тоне во отпад

Во Влае постои единствено пешачка патека долж кејот на Вардар, 14.8.2023 година; Фото: Мета.мк
Во Влае постои единствено пешачка патека долж кејот на Вардар, 14.8.2023 година; Фото: Мета.мк

Додека преполните контејнери ја „красат“ секоја улица низ Скопје, утрово сликата беше уште потажна – реката Вардар, некогашниот симбол на градот, повторно се претвори во пловечка депонија. Пластика, шишиња, ќеси и отпадни предмети безмилосно пловат низ водата, создавајќи слика која ги шокира граѓаните и туристите.

Иронијата е уште поголема ако се земе предвид дека градот е во ек на изборна кампања, во која кандидатите за градоначалник се натпреваруваат кој побрзо ќе ги исчисти улиците и ќе ја врати „чистата слика на Скопје“. Но, прашањето кое утрово си го поставуваат сите е:

„Кој ќе го исчисти Вардар? И за колку часа?“

Еколошките активисти алармираат дека Вардар станува хронично загаден, а отпадот што се слева од притоките и од урбаните подрачја на Скопје е јасен показател за нефункционалниот систем за управување со отпад.

„Секоја кампања почнува со ветувања за чист град, но Вардар секогаш останува огледало на вистинската состојба – ниту стратегија, ниту акција, само фрлени шишиња и политички пароли,“ велат активистите.

Граѓаните, пак, револтирано коментираат дека Скопје не може да се нарече европска метропола сè додека најголемата река во земјата изгледа како канализација.

Додека кандидатите ветуваат „чисто Скопје за 48 часа“, Вардар утрово молчи, преполн со ѓубре — како најгласен потсетник дека вистинската битка за чист град сè уште не започнала.

Зачлени се на нашиот е-билтен