Средношколец од Прилеп четири години лажно се претставувал како наставник и преку измама добил пристап до системот на електронскиот дневник и до податоците на професори од целата држава, соопшти МВР.
Според информациите од полицијата, ОВР Прилеп поднело известување против ученик во средно училиште поради сомнение за сторено кривично дело „компјутерски фалсификат“. Малолетникот, претставувајќи се како наставник по англиски јазик од основно училиште во Виница, стапил во контакт со вработена во Министерството за образование и наука.
Откако комуницирал со неа преку социјални мрежи, службеничката му креирала официјална електронска адреса од МОН и му доделила администраторски лозинки за е-дневникот, по што тој добил пристап до податоците на наставници на ниво на цела држава и учествувал во координација и помош при користењето на системот.
Според МВР, случајот траел од 2022 до ноември 2025 година, кога поранешна в.д. директорка го информирала дека одредена професорка пријавила бришење податоци од електронскиот дневник. По тоа, ученикот ги избришал сите лажни профили, како и службениот меил-корисник од МОН.