Српскиот хирург Дугалиќ: Јавно се откажувам од колегите што му дозволија на Вучиќ да влезе во интензивна нега

Познатиот српски хирург и професор на Медицинскиот факултет, Владимир Дугалиќ, остро ја критикуваше посетата на претседателот Александар Вучиќ на пациентите од Македонија во одделот за интензивна нега, нарекувајќи ја „срамна политичка пропаганда“.

„Понекогаш се каам што сум дел од оваа професија кога гледам како некој дозволува ‘ненадлежен човек без капа’ да влезе во интензивна нега, каде што пристапот е строго ограничен дури и за најблиските на пациентите“, изјави Дугалиќ за српските медиуми.

Тој нагласи дека пациентите со изгореници се во критична состојба и мора да бидат третирани во стерилни услови, а секое кршење на протоколите може да им го загрози животот.

„Јавно се откажувам од колегите што му дозволија на Вучиќ да влезе во интензивна нега. Тоа не е медицинска грижа, туку политичка пропаганда која директно ги загрозува животите на пациентите“, порача Дугалиќ.

Сличен став изразија и други лекари, оценувајќи дека таквиот чин е „неетички, неморален и нехуман“. Епидемиологот Верица Лела Илиќ посочи дека пациентите со изгореници мора да бидат заштитени од инфекции, а секој непотребен контакт претставува ризик.

„Ниту еден цивил не смее да влезе во интензивна нега без соодветна заштита, а уште помалку да допира пациенти. Тоа што се случи е спротивно на медицинските стандарди и елементарната човечка грижа“, изјави Илиќ.

Лекарите предупредуваат дека ваквите постапки ја нарушуваат довербата во здравствениот систем и повикуваат на одговорност од надлежните институции.

Зачлени се на нашиот е-билтен