Српскиот шовинизам со поддршка од актуелната власт, реагира ВМРО-Народна партија и обвини дека српската големо-државна политика и шовинизам кон Македонија секоја година добиваат нова димензија, благодарение на, како што велат, „свитканата кичма на актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ“.
Од партијата посочуваат дека оваа година прославата на „битката на Кајмакчалан“ била поклопена токму со 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, што го оценуваат како понижување на државата и нејзиниот народ.
Дополнителна реакција предизвикала согласноста за поставување спомен-плоча во Новаци во чест на српскиот четник Воин Поповиќ – Војвода Вук, кој, според македонската историографија, бил „докажан антимакедонски четник“ чија цел била поробување и асимилација на македонскиот народ.
„Особено загрижувачка е појавата на паравоени сили кои годинава, со црвени беретки, продефилираа низ Битола и низ Македонија. Самиот чин претставува подигрување со самостојноста и посебноста на македонската држава“, се наведува во реакцијата.