Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов , придружуван од потпретседателот на ССМ за приватен сектор Иван Пешевски и Елена Петрова Советник за работни односи, денеска во просториите на ССМ остварија средба со Магнус Берге специјалист за активности на работниците од Меѓународната организација на трудот (ILO) и Емил Крстановски Национален координатор на Меѓународната организација на трудот (ILO).
На средбата се разговараше за состојбата на главните синдикални активности на ССМ во изминатиот период како и за состојбата и текот на преговорите со социјалните партнери и засилената синдикална кампањата за пораст на минимална плата на 600 евра и за зголемување на сите останатите платите за најмалку 6.000 денари, како борба што единствено ја води Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) како најголем и најброен синдикат во државата, а тема која е особено актуелна по вчерашното одржување на седницата на Економско-социјалниот совет каде претставниците на ССМ ја напуштија седницата поради едностраното настојување да се дискутира само за законско усогласување на минималната плата за 25 евра, односно за само 1.500 денари откако беше изменет дневниот ред на седницата непосредно пред нејзиното започнување и без никакви работни материјали доставени до членовите.
Претседателот Трендафилов ги презентираше барањата на македонските работници пренесени преку Сојузот на синдикатите на Македонија за потребата од зголемување на работничките плати, како и аргументираните ставовите на ССМ со кои претставниците на работниците настапија пред Владата и пред претставниците на работодавачите.
Исто така, за време на средбата особено се разговараше за последните синдикални активности на ССМ како Големиот работнички протест кој се одржа на 28-ми јануари и на кој се придружија огромен број на работници и граѓани, трите синдикални протести со блокади кој ССМ ги одржа пред Собранието на Република Македонија, пред работодавачите и пред Владата на Република Македонија како дел од синдикалната борба за зголемување на работничките плати, и особено Претседателот на ССМ истакна дека без оглед на притисоците, борбата нема да застане и го најави следниот голем работнички протест закажан во текот на овој месец и воедно ја пренесе се поизвесната можност прв пат во нашата држава да се организира генерален штрајк истовремено во јавниот сектор и во приватниот сектор.
Дополнително се зборуваше за нефункционирањето на Комисијата за утврдување на репрезентативност, суспендирањето на колективното договарање преку законите за јавен сектор и за административни службеници, за непочитувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на пресметка на платите, непочитувањето на други колективни договори како тој на културата, упадите во синдикатите за нестатутарното и незаконско преземање на чкенови, како и за непостапувањето по заклучоците на специјалната мисија на експертите на МОТ на полето на слободата на здружување и колективното преговарање.
Претставниците на ССМ разговараа и за состојбата со социјалниот дијалог во нашата држава, а особено се осврнаа и на последните загрижувачки инциденти со незаконско следење и објавување на видео снимки од приватниот живот на Претседателот на ССМ, како дел од подолготрајната кампања за ширење на неосновани клевети насочена не само кон него, туку и кон останатите синдикати здружени во ССМ и нивните Претседатели, а се со цел да се наруши угледот на ССМ и да се направат некакви обиди да се делегитимира улогата на ССМ како значаен социјален партнер во државата за сите процеси кое се одвиваат во областа на трудот и тоа за време на кулминацијата на главната фаза која би можела да значи и можна разврска во активната борбата за зголемувањето на минималната плата на 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.
Сојузот на Синдикатите на Македонија за овие загрижувачки инциденти ги извести како Европската Конфедерација на Синдикати (ETUC), така и Меѓународната Конфедерација на Синдикати (ITUC) предизвикувајќи кај истите сериозни загрижености според принципите на слободата на здружување содржани во Уставот на МОТ, како и во Конвенциите на МОТ бр. 87 и 98, ратификувани од Северна Македонија, а за кое нешто упатија Писма за поддршка на Сојузот на синдикатите на Македонија и Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов до Владата на Република Македонија и Собранието на Република Македонија.
Сојузот на синдикатите на Македонија и Меѓународната организација на трудот (ILO) преку канцеларијата во Скопје имаат одлична соработка на полето на воведување на меѓународните трудови стандарди во Македонија, но и на полето на сето она што е значајно во областа на трудот и значајно за македонските работници, па така приоритет е да продолжи нашата соработката, а се со цел зајакнување и унапредување на работничките права, а поддршката од Меѓународната организација на трудот (МОТ) низ годините е од големо значење за ССМ. Тоа може да се види и токму сега за време на борбата која ја води ССМ во име на и за сите работници да обезбеди зголемување на нивните плати, кога Претставниците на ССМ успеаа токму преку податоците на МОТ да ги демантираат аргументите на Владата, и на работодавачите кои велеа дека македонските работници мора да бидат попродуктивни доколку сакаат зголемување на платите. Овие аргументи на непродуктивност се во спротивност на податоците на МОТ кои велат дека македонските работници и се премногу продуктивни за ниските плати кои ги земаат.