ССМ најавува можни протести во април, ако не се постигне договор со Владата

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) предупредува на можни протести на почетокот од април доколку не се постигне напредок во преговорите со Владата и работодавачите околу зголемувањето на минималната плата и исполнувањето на обврските од колективниот договор за јавниот сектор.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, посочува дека, ако не се постигне компромис, „големи се шансите да се повтори ланското сценарио“. Синдикатот добива поддршка од Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати во својата борба за правата на работниците.

Трендафилов истакна дека ССМ се соочува со политички напади, но дека синдикатот останува независен. „Ниту сум на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, Левица или ДУИ“, нагласи тој, додавајќи дека, иако се подготвени за дијалог, доколку не се постигне договор, работниците би можеле да излезат на протест на 2 и 7 април.

„Јас не јадев 10 килограми цреши во јануари, ниту 600 килограми банани. Работниците треба да имаат пристојни плати за да си дозволат нормален живот“, изјави Трендафилов. Тој ја критикуваше Владата за игнорирање на работничкиот стандард и предупреди дека, ако минималната плата остане 24.400 денари – што е значително под 457 евра, колку што изнесува во Србија – „тогаш можеби треба да ги запалиме автобусите и да ги преселиме сите од Македонија, нешто што треба да ги загрижи сите“.

ССМ тврди дека се вршат обиди да се минира нивната репрезентативност во Економско-социјалниот совет (ЕСС). За синдикат да биде репрезентативен, треба да има поддршка од најмалку 10% од вработените во земјата – услов што, според Трендафилов, го исполнува само ССМ.

Засега нема официјален датум за следната седница на ЕСС, но Владата најави дека на утрешната владина седница ќе предложи три члена за комисијата што треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатите.

Минималната плата во Македонија се пресметува според растот на трошоците за живот и просечната исплатена плата од минатата година. Според овие критериуми, таа би изнесувала 24.400 денари, но пред исплатата мора да добие одобрение од ЕСС.

ССМ бара итно постигнување договор и предупредува дека, ако не се формира комисијата за репрезентативност во наредната недела, ќе сметаат дека Владата намерно купува време за политички притисоци врз синдикатот.

Зачлени се на нашиот е-билтен