ССМ: Првпат Владата сама си донесе одлука за минималната плата, без работниците

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ќе одлучува за следните чекори што ќе ги преземе во однос на минималната плата, откако Владата во вторникот усвои информација за нејзино зголемување за 1.800 денари во нето износ, согласно законските критериуми. Очекувањата се дека Претседателството на синдикатот ќе одржи седница на која ќе се разгледуваат можните реакции на оваа одлука.

ССМ ја оспорува легитимноста на одлуката, посочувајќи на член 4, став 5 од Законот за минимална плата, според кој висината на минималната плата во бруто износ треба да ја објави министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет (ЕСС). Од синдикатот нагласуваат дека оваа процедура не била испочитувана, бидејќи не била одржана седница на ЕСС пред носењето на одлуката.

Чекање на репрезентативноста на ССМ

Седницата на ЕСС, која требаше да се одржи овој месец, е условена од претходното заседавање на Комисијата за репрезентативност, која треба да ја утврди репрезентативноста на ССМ, истечена минатата година. Засега, оваа седница сè уште не е одржана, но се очекува да се случи токму денеска. Комисијата ја сочинуваат претставници од трите социјални партнери – Владата, синдикатите и работодавачите.

Во меѓувреме, Владата денеска ќе одржи втора седница на ЕСС, каде што повторно ќе се разговара за зголемувањето на минималната плата.

Незадоволство од синдикатите

Од ССМ тврдат дека ова е првпат од 2012 година досега одлука за минималната плата да биде донесена без консултација со сите социјални партнери во трипартитниот совет.

„Првпат Владата сама си донесе одлука за минималната плата, без работниците. Имавме парола на 1 Мај дека не смее да се одлучува без работниците, но, за жал, Владата одлучи за 1.800 денари без никакви консултации со ЕСС. Апсолутно сме незадоволни и нема да отстапиме од нашите барања“, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Владата: Одлуката е законска

Од Владата, пак, тврдат дека одлуката е целосно легитимна и дека зголемувањето е во согласност со критериумите утврдени во Законот за минимална плата.

„Како Влада имаме обврска да го почитуваме Законот за минимална плата, кој треба да почне да се спроведува од наредниот месец. Институциите имаат доволно време да го пресметаат зголемувањето, кое согласно законските параметри изнесува 2.200 денари“, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, на прес-конференција во средата.

Тој објасни дека висината на минималната плата е утврдена врз основа на податоци од Државниот завод за статистика, при што се земаат предвид 50% од просечната плата исплатена минатата година и 50% од индексот на трошоци, односно инфлацијата за претходната година.

Барањата на ССМ

ССМ бара минималната плата да се зголеми за 6.000 денари, земајќи го предвид растот на трошоците на живот. Притоа, предлогот е разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да биде субвенционирана од Владата во траење од една година.

Во поддршка на ССМ застана и Европската конфедерација на синдикати, чиј претставници на 14 март престојуваа во Скопје. Тие посочија дека минималната плата во Северна Македонија останува најниска во регионот, што е причина за зголемена загриженост кај синдикалните организации.

Зачлени се на нашиот е-билтен