Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) остро реагира на предлогот на Фискалниот совет за зголемување на границата за старосна пензија на 67 години. Според ССМ, оваа мерка е несериозна, неодржлива на долг рок и го потценува трудот на работниците, одложувајќи го нивното заслужено пензионирање.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, го критикуваше предлогот како неетички и ги повика членовите на Фискалниот совет да започнат со плаќање задолжителни социјални придонеси за сите нивни приходи, поставувајќи пример за одговорност.
„Неопходни се одржливи мерки, а не продолжување на работниот век на сметка на работниците,“ изјави Трендафилов.
ССМ предлага алтернативни решенија за зголемување на средствата во Фондот за пензиско осигурување. Според Трендафилов, неопходно е:
-Вработување на младите преку реални работни места поддржани од нови домашни и странски инвестиции.
-Зголемување на платите, што би донело повеќе средства за социјалните фондови.
-Почитување на правата на работниците според меѓународните трудови стандарди.
„Државата годишно губи 250 милиони евра поради непријавена работа. Овие средства треба да се враќаат во социјалните фондови за да обезбедат вистинска заштита за работниците,“ истакна Трендафилов.
ССМ бара воведување на повеќе опции за пензионирање, меѓу кои:
-Пензионирање по 40 години работен стаж за мажи и 35 за жени.
-Бенефициран стаж за работници во тешки услови.
-Предвремено пензионирање и можност за докуп на стаж.
„Само преку вакви решенија ќе се обезбеди достоинствено пензионирање и ќе се заштитат интересите на работниците,“ заклучи Трендафилов.