Народната банка го објави извештајот за своето работење во периодот од 2018 до мај 2025 година, со осврт на клучните мерки и политики спроведени во време на сериозни економски и геополитички предизвици. Извештајот ги обединува активностите на централната банка во услови на пандемија, енергетска и ценовна криза, како и глобални тензии и ризици од деглобализација.
Според податоците во извештајот, денарот останал стабилен и покрај силните внатрешни и надворешни притисоци, а девизните резерви се зголемени двојно во споредба со почетокот на периодот. Банкарскиот систем покажал знаци на зајакнување, со највисоко ниво на капитална адекватност досега и најниско ниво на нефункционални кредити. Кредитната поддршка за граѓаните и компаниите продолжила со историски ниски каматни стапки, блиски до европските.

Меѓу позначајните достигнувања се издвојуваат членството во највисокиот статистички стандард на ММФ – СДДС плус, позитивната оцена од Европската комисија за усогласеноста со стандардите на ЕУ во банкарската регулатива, приклучувањето кон европскиот платен систем СЕПА, како и воспоставувањето на институционална рамка за решавање банки.
Дополнително, Народната банка ја има донесено првата национална стратегија за финансиска писменост и инклузија со фокус на младите, жените и ранливите групи, како и стратегија за финтек и план за справување со климатските ризици. Банката добила високи меѓународни оценки и за транспарентност и родова еднаквост, при што е прворангирана централна банка според застапеноста на жените.
Извештајот ја прикажува Народната банка како стабилна и независна институција што придонесува кон економска одржливост, финансиска стабилност и подобрување на животниот стандард на граѓаните.