Премиерот пред некој ден повторно промовираше беззаконие. На новинарско прашање дали Македонија ќе го следи примерот на албанскиот премиер Еди Рама во уривање на дивоградбите, Христијан Мицкоски со неподнослива леснотија одговори дека „неговата филозофија во животот е да гради, а не да урива“, како да е тоа некој лабав муабет на средношколци додека чекаат хамбургер пред сендвичара на голем одмор.
Со тоа, по којзнае кој пат, репризно ја врати онаа политичка мантра „Битно се гради“, како некој ПР момент, слоган со кој се манипулираат луѓето дека „градиме“ е единственото важно политичко остварување во Бананалендот. „О, градителу, подигнувачу на згради! Ти што создаваш Нешто во Ништото!“. Наместо да се придвижуваме кон #БитноСеРуши – како слоган за враќање на хуманото и квалитетното живеење – Мицкоски со дежа ву момент во јавниот дискурс ја зацврстува спрегата меѓу корупцијата, градежните фирми и политичките моќници.
И, воедно – го нормализира градежниот криминал.
Премиере, да потсетам дека во Македонија, како што информираше Вашиот коалиционен партнер Изет Меџити, во 80 општини има над 200.000 дивоградби. Ако отворите македонскиот речник, за „дивоградба“ стои дека е „објект изграден без градежна дозвола“. Тоа значи дека е изграден незаконски. Значи објект подигнат на диво, што не смеело да биде подигнат.
Вие, тоа го славите и ословувате како некакво „достигнување“?! Јасно ли ви е какви последици има оваа Ваша политичка ароганција?! Дека значи продолжување на дивеењето и џиберското самореализирање на поединци, додека останатите си зборуваме за градење некаква држава, систем, принципи, одговорности. Ни уринирате врз глава на таквата заложба, со оваа ваша „филозофија“.
„Филозофијата“ поттикува да продолжат дивоградби како во Чаир и Сарај, како платформите на Матка, како сите дивоградби на Маврово, но и дивоградбите крај Охридското Езеро, за кои патем неодамна контрадикторно се пофаливте дека „ќе бидат срушени, и со тоа ќе ги извадиме на површина лицата кои ги злоупотребуваат“. Хаа! Нека се јави Кили на главна каса да Ви каже нешто! Па, во прашање се над 1.000 незаконски градби, а дали досега се срушени колку прстите од едната нога. Да не зборувам за хотелот-дивоградба на Сашо Мијалков на Горица кој се коси со препораките на УНЕСКО. Со тој, што правиме?!
Јасно е. Со ваквиот Ваш однос, само им го продолжувате животот на овие дивоградби.
Премиере, патем, да не заборавиме дека „Сѐ е легално и ништо не е легално“. Односно, за скоро две децении во македонското Собрание се направија над 100 измени на клучните закони за градење. Се менуваа и „адаптираа“ законот за градење, за градежно земјиште и просторно планирање. Се воведоа нови плански документации кои беа спротивни на Уставот. Ова Вашето, е само дополнување на тоа „кроење“ по желба.
Да не заборавиме на „Скопје 2014“. Кога ќе поминете низ центарот на Скопје, проектот на секој разумен човек му дава доза апсурд, хумор, чудење и очобол манифестиран преку историско-политичко-социјални фрустрации и белези. Тој од проценетите 80, стигна докај 700 милиони евра, а од промовираните 40, стигна до 140-ина објекти. Истовремено се рушеа стандарди, јавни простори, паркови, се рефасадираа претпознатливи оригинални објекти, се местеа конкурси… Практично, „СК2014“ има бројни бројни дивоградби, што беше причина да си даде оставка и претседателот на работната група, формирана токму да се справи со контроверзниот проект. Експертите рекоа: или рушете, или легализирајте. Ништо од двете!
Злосторот на „Скопје 2014“ беше амнестиран, а Вашава „филозофија“ – повторно го нормализира тој наратив на градење без стандарди, без транспарентност, без осет. Плус, го потхранува и наративот дека „поевтино е градење отколку уривање“, што не значи дека е точно, ако се знае дека одредени објекти беа подигнати 3-4-5 пати поскапо од реалната сума (нефункционалната „Палата на Зевс“ поради која се уништи паркот спроти „Бристол“ вредеше 16,5 милиони евра, „Воин на коњ“ чинеше над 8, Палата „Емануел Чучков“ исто скоро 8, Порта „Македонија“ над 6, трите врби во Вардар – над 300.000 евра, додека т.н. „сува фонтана“ со 128 прскалки на плоштадот „Македонија“, која патем веќе е срушена од возила и комбиња што пропаѓаа – 2.5 милиони евра).
Но, проблемот не е само економски, како што упорно се мантра низ јавноста. Мора, пред сѐ, да биде сфатен како хуман, безбедносен и функционален пристап. Јавниот простор во светот се дефинира како сликата за демократијата во општеството. Треба да биде заеднички, инклузивен, удобен – сите да го осеќаат за свој, да може во него луѓето меѓугенерациски да развиваат заеднички приказни.
Па, како ќе развиваме такви приказни и принципи? Дали сте свесни дека е ДОСТА од сувопарно градење објекти во простор?! Нема развоен план, нема хуманизација и функционалност, само градење без смисла? Само лепенки и чирови, само шерифско однесување, а без грам осет за основни потреби како да живее една заедница? Како да се движи, диши, расте, развива, според некакви просторни и градежни принципи?
Па, како ќе развиваме „градежни принципи“ кога според последниот Попис, околу 60 илјади станови во главниот град зјаат празни, или корисна површина од близу 4,5 милиони квадрати. Бројот на станови во Скопје пораснал за 30 отсто за две децении, а во истиот период, бројот на жители се зголемил за само три отсто. Тоа значи дека понудата на станови одамна ја надминува побарувачката. Значи, градење само од профит, а не од потреба.
Истовремено, во целиот тој „градежен налет“ се заборава она што е веќе изградено. Аквадуктот – знаеме во каква состојба е. Знаеме и повеќе историски објекти во каква состојба се, споменици, репрезентативни наградувани згради, национални обележја… Се забележуваат и дел започнати, полуизградени објекти, руинирани, или градби буквално заборавени како декор во јавен простор. Насекаде. Значи, не ги третираме и заштитуваме историските објекти (зборувај ми за идентитетот тивко полека), не ги рушиме дивоградбите, правиме глупави закони, не ги спроведуваме оние што треба да се спроведуваат, а градиме нови објекти, нови згради и дополнително ги срозуваме урбаниот простор и, неурбаниот генерално, со сите зафати низ животната средина.
Едноставно, веќе нема поента! Време е да зборуваме за рушење, време е за #БитноСеРуши. Да се повторува одново и одново. Да биде тоа кампања, лобирање. Да влезе во главите на луѓето дека и тоа мора да се прави. Да влезе како потреба во урбанистичко планирање, како нужност за организирање на простор. Нормален процес, како алатка за подобрување на квалитетот на живот. Паралелно градење и рушење. Не е страшна работа. Потреба е! За да не’ биде.
Еве, предложувам, во Македонија да се формира некакво официјално тело, асоцијација, или било-какво-соединување кое би ги поврзало и претставувало оние што вршат услуги за уривање на објекти. Значи, да ги застапува ваквите проблематики и да нуди услуги. Да нуди стандарди и критериуми и експертиза. На ниво на Европа веќе постои Европската асоцијација за уривање (European demolition association), која датира од 1978 и е платформа за 80-ина национални асоцијации и компании од индустијата за уривање.
Пример, Србија ја има SDA (Serbian demolition association), Русија ја има UDCA (Union of demolition companies and associations), Шпанија ја има AEDED (Asociacion española de demolicion, descontaminación, corte y perforación), Холандија – VERAS итн.
Мора од некаде да се почне. Затоа гледам потреба од #БитноСеРуши. Ќе цитирам една архитектка, која кажа: „Се додека просторот го сфаќаме како роба за продавање наместо ресурс, нема да излеземе од маѓепсаниот круг на спрега меѓу инвеститорот и локалните моќници и корупцијата“.