Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, на својот Фејсбук профил истакна дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не ги решава проблемите со кои се соочуваат граѓаните и не се ангажира во процесот на развој на градот.
Но тој изгледа заборави дека пред три години и на скопјани и на жителите на Гази Баба им ја вети како градоначалник менаџер, кој ќе го изгради Модерно Скопје.
Стефковски нагласи дека денеска бил во посета на Градот Скопје со цел да ги достави барањата на општините кои треба да се вклучат во буџетот на Градот за 2025 година.
„Начинот на кој ќе се трошат средствата од градскиот буџет не може да биде условен само од волјата на Данела Арсовска. Во полнењето на буџетот учествуваат сите општини, и преку дијалог треба да се утврди како ќе се распределат средствата согласно потребите на граѓаните“, изјави Стефковски.
Како градоначалник на една од најголемите скопски општини, Стефковски се чувствува одговорен и најави дека до петок ќе достави барање за предлог проекти што смета дека треба да бидат дел од градскиот буџет. Тој нагласи дека избегнувањето на дијалог не ќе ги реши проблемите.
„За жал, со Данела Арсовска, Скопје изгуби четири години во кои можеше да се гради и развива“, додаде Стефковски.