Во Извештајот на американскиот Стејт департмент за човековите права за 2024 година за Северна Македонија прилично големо место зазема делот за правата и слободите на новинарите.
„Значајните проблеми со човековите права вклучуваа веродостојни извештаи за сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и насилство и закани за насилство врз новинари“, се вели во делот за слободата на изразувањето и слободата на медиумите.
Во извештајот и и поименично се споменуваат два случаи за закани кон новинари: Лепа Џундева од ТВ 24 и Фуркан Салиу.
Во однос на слободата на медиумите, во Извештајот се наведува дека Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително на новинари и други медиуми и оти Владата генерално го почитувала ова право, но „слободата на изразување беше поткопана со тужби против новинари, несоодветно однесување од страна на јавни службеници во нивната интеракција со новинари, прекумерен притисок врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформации, говор на омраза на интернет и социјалните медиуми и самоцензура, се наведува во Извештајот“.
Во извештајот се споменува носењето на измените на Законот за аудио-визуелни медиумски услуги за да дозволи рекламирање на кампањи со „висок јавен интерес“ платени од Владата преку комерцијални радиодифузери и се додава дека независните медиумски здруженија изразиле загриженост во врска со измените и го критикувале законот како враќање кон широко распространета корупција во медиумите и клиентелизам.
-Насилството и заканите за насилство врз новинарите беа значајно прашање за човекови права. Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) пријави повеќе инциденти на насилство и вознемирување на новинари, стои во Извештајот и се додава дека ЗНМ забележало зголемување на насилството и вознемирувањето на жени новинарки.
Според ЗНМ и други медиумски организации, продолжува Извештајот, уредничката независност на печатот се соочила со предизвици, додека „Репортери без граници“ во својот годишен извештај од март забележале дека поради силната политичка поларизација, медиумите биле под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво.
„Репортери без граници“ забележале дека јавниот радиодифузен сервис немал уредничка и финансиска независност. Во Извештајот се забележува дека онлајн медиумите, иако имале корист од поголема слобода на изразување, се соочиле со дигитални напади и обиди за дискредитација на новинарите.
-Клеветата и навредата биле граѓански прекршоци и таквите закони беа спроведувани. ЗНМ објави дека од 20 септември, четири новинари биле предмет на стратешки судски тужби (SLAPPs) поднесени во текот на годината од Министерството за внатрешни работи, директорот на комерцијалната телевизиска станица Канал 5, членови на религиозни организации, политичари и бизнисмени.