Стојановски: Партиска злоупотреба на безбедносните служби, ова е шанса да се стави крај на таа пракса

Трпе Стојановски, Фото: Цивил медија
Трпе Стојановски, Фото: Цивил медија

Главно е дека секогаш безбедносните служби, поради моќта што ја поседуваат, се користат во политички цели и пред избори. Кај нас таа појава добива загрижувачки облици кога се вадат пикантерии за едни или за други.

Ова во разговор за Рацин.мк го кажа проф. д-р Трпе Стојановски од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Климент Охирдски“ во Битола, како оценка за актуелниот „случај на прислушкување“ што го обелоденија премиерот Мицкоски и директорот на Агенцијата за безбедност (АНБ) Бојан Христовски

„Сите служби досега останаа под партиска власт и затоа на нивните први позиции се назначуваат кадри од доверба. Тоа ќе продолжи сѐ додека безбедносните служби не добијат независност во спроведувањето на своите обврски и додека не им се остават на професионалците“, смета Стојановски.

Професорот Стојановски вели дека „ова е шанса за обвинителството да ги истера процесите што се во негова надлежност за да се запре политичкото профитирање од незапочнати или незавршени постапки“.

Истата обврска, според трпевски, ја има и Собранието коешто може да побара декласификација на потребните документи и за овој случај и тоа е решение кое исто така може да стави крај на праксата за злоупотреба на службите.

„За жал, ние немаме традиција на парламентарна и граѓанска контрола која во голема мерка може да ги оневозможи овие појави. И претходните измени и нови закони за службите, за време на владеењето на СДСМ, не ја заживејаа оваа можност“, толку за Рацин.мк проф. д-р Трпе Стојановски.

Тој укажуба дека дополнително на сите овие предуслови за злоупотреба на службите им помага и разнишаниот правен систем и неговите слабости во капацитетите да се справува со вакви безбедносни прашања.

„Јас и неколку граѓански организации поднесовме претставка до Уставниот суд со која укажавме на слабости во законската регулатива во однос на чувањето на чувствителните безбедносни информации со кои располагаат службите. Дури седум години му требаше на судот да донесе мислење по ова прашање“, потенцира проф. д-р Трпе Стојановски од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Климент Охирдски“ во Битола.

Зачлени се на нашиот е-билтен